Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имаше обраќање на настан по повод отворање на Советувалиште за жртви на семејно насилство, а во организација на Сојуз-Националниот совет за родова рамноправност (НСРР), при што министерот Оливер Спасовски и претседателката на НСРР Савка Тодоровска потпишаа Меморандум за соработка помеѓу МВР и НСРР.
„Денешниов настан е навистина позитивен пример на креирање механизми за превентивно делување, но и за благовремено санирање на последиците кај жртвите од семејно или родово базирано насилство. Ако на тоа го додадеме и заедничкото, партнерско работење – во случајов изразено преку Меморандумот за соработка, тогаш на ова можеме да гледаме како на уште еден од многуте чекори во насока на елиминирање на сите општествени околности, независно дали се во сферата на економските, образовните, социјалните, правните или други стандарди, кои што на еден или друг начин можат да бидат генератор на семејната деструкција или врз родовата нееднаквост и родово мотивираното насилство и криминал”, истакна министерот Спасовски, уште еднаш потврдувајќи ја подготвеноста на МВР да биде активен институционален учесник, согласно надлежностите и законските обврски, на сите вакви и слични активности, чија што цел е превенцијата и заштитата од семејно насилство и, секако, родовото насилство и родовата нерамноправност.
Цел е воспоставување на рамка за соработка и имплементација на понатамошни заеднички активности за промоција и унапредување на полето на правата и заштитата на жени – жртви на семејно и родово-базирано насилство, насилниот екстремизам и ресоцијализација на жените и децата, преку проекти и заеднички иницијативи.
За време на настанот, министерот Спасовски изврши обиколка на просторот во кој е сместено Советувалиштето, каде веќе функционира бесплатната мобилна СОС линија.
Извор: Влада