spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМТСП: Иако сме различни, сепак сме исти во предизвиците со кои се...

МТСП: Иако сме различни, сепак сме исти во предизвиците со кои се соочуваме, учејќи едни од други треба заедно да ги поместуваме границите

Дводневната регионална конференција насловена „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ-Гласно и храбро ги поместуваме границите“ која што се одржуваше во Скопје, во организација на Министерството за труд и социјална политика, беше заокружување на активностите на Министерството кои што ги реализираше во текот на цел месец март.

На самиот крај од дводневната конференција, се обрати министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска која изнесе заклучоци и впечатоци од теренските активности на министерството и изнесеното искуство од страна на учесниците од земјата и  регионот, за време на оддржувањето на дводневната конференција.

„За месец дена поминавме 3000 километри, разговаравме со 1500 жени, денес и вчера дополнително уште со околу 300 жени. Слушнавме многу инспиративни приказни слушнавме и многу проблеми, слушнавме и од колешките од земјите од регионот дека иако сме различни, по различни специфики, сепак сме исти во предизвиците со кои се соочуваме. И токму за овие 30 дена, колку што сме на терен, јас и мојот тим, Секторот еднакви можности кои што навистина ни дава поддршка во целата таа наша агенда и кои што потоа треба сите предизвици да ги преточат во политики, верувам дека ваквите средби ќе придонесат кон подобри политики, конкретни мерки, токму да го подобриме квалитетот на сите. Овие два дена слушнавме дека имаме одлична законска регулатива, она што недостига и што е предизвик за сите нас, за сите земји во регионот, тоа е нејзината имплементација и дека треба да се посветиме сите заедно“, порача министерката Тренчевска.

Министерката им се обрати на пратеничките од Собранието на Република Северна Македонија, посочувајќи ја нивната важна улога, во цел тој процес и им се заблагодари за нивната поддршка „Година и три месеци сум министерка, им благодарам за поддршката која ја даваат, токму за таа женска солидарност што треба да се потенцира. Тука се колешките од останатите институции, во рамки на Владата, директорките и претставниците од Центрите за социјална работа, кои што се многу важна алка кога зборуваме за еднаквоста, да допреме до сите, особено до ранливите категории на граѓани и секако медиумите кои се многу важни“, истакна Тренчевска.

Министерката потенцираше дека  регионалната соработка мора да  продолжи, за која е потпишана и декларација и имаме обврска за регионална соработка.

„Затоа што, сепак на крајот на денот делиме исти проблеми. Она што го слушнавме овие два дена е  дека секоја земја е лидер во одредено прашање и секоја земја се соочува со одредени предизвици, онаму каде што имаме реални проблеми. Ако во Република Албанија имаат 78% жени во извршната власт во Република Северна Македонија тој број е помал, и тоа е предизвик за нас кој што треба да го претвориме во добар резултат. Ако во Босна и Херцеговина, жените во униформа се соочуваат со големи предизвици, во Република Северна Македонија имаме одлични резултати. Така што секоја земја си има своја специфика, учејќи едни од други треба заедно да ги поместуваме границите“, порача Тренчевска.

Таа им се заблагодари на UN WOMEN, UNICEF, UNFPA и сите агенции на ООН, за соработката и поддршката.

„И не е важна само финансиската поддршка, важна е и експертската поддршка, важни се и тимовите кои работат во агенциите на ООН, кои што помагаат во креирањето на политиките и во имплементација на разни активности”, посочи Тренчевска.

Министерката се заблагодари и на Балканскиот универзитет, со кој што неодамна министерството започна да соработува, на креативноста на младите сликарки- студентки, кои што дадоа навистина еден посебен дух на конференцијата, на средното музичко и балетско училиште „ Илија Николовски Луј“, на камерниот оркестар, на флејтиските, на директорката Даница Стојанова, затоа што и нивното присуство на оваа конференција навистина даде една посебна енергија и посебен дух и печат на самата конференција. Му се заблагодари и на Огнен Јанески, кој ја водеше дводневната конференција, но и за неговата целокупна поддршка во текот на сите активности на министерството.

 

„Благодарност до сите 40 панелисти и панелистки, благодарност до моите колеги и колешки министри и министерки, до вицепремиерот Битиќи за нивната поддршка на оваа конференција и навистина верувам дека ќе си отидеме сите од оваа конференција со одлични споделени искуства, одлични позитивни примери и дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму и верувам дека наскоро ќе се видиме во некоја од другите земји. Благодарам до учесничките од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Словенија и им благодарам на учесниците и учесничките од Северна Македонија“, порача Тренчевска.

 

 

 

Извор: Министерство за труд и социјална политика 

Прочитајте

МЗ: Демири и Манолева – Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба...

0
Министерот за здравство д-р Илир Демири и заменик министерката д-р Маја Манолева, денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот...