spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМВР: Главен приоритет е меѓународната соработка за одржливо управување со миграциите

МВР: Главен приоритет е меѓународната соработка за одржливо управување со миграциите

Денеска, (25.04.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го отвори Светскиот конгрес за гранична безбедност кој се одржува во Скопје од 25 до 27 април, во рамки на три пленарни сесии, како и работилници и отворен изложбен дел во холот на хотелот Александар Палас.

Министерот Спасовски имаше свое обраќање на воведната сесија, при што им посака добредојде на учесниците, во свое и во име на МВР,  како домаќин на годинешнава едиција на овој конгрес.  Говорници на воведната сесија беа Сашо Смилески, помошник директор на Одделот за гранични работи и миграции при МВР, Владимир Пивоваров, Национален кординатор за интегрирано гранично управување, шефот на Мисијата на ИОМ во Скопје, Соња Божиновска Петрушевска, како и Виши претставници од ОБСЕ и Европската асоцијација на аеродромска и поморска полиција (EAASP).

Осврнувајќи се на историскиот развој на менаџирањето на миграцијата, односно за реформите за воспоставување на модерен систем на интегрирано гранично управување, министерот Спасовски истакна дека до денеска континуирано трае процесот на јакнење на капацитетите за гранична контрола.

„Како еден од столбовите на националниот систем за интегрирано гранично управување, Министерството за внатрешни работи континуирано работи на јакнење на човечките, материјално – техничките и системските капацитети на граничната полиција. Покрај опремувањето со соодветни технички средства, приоритети се и квалитетната обука на персоналот, развивањето на прекуграничната полициска соработка, усогласувањето на националното со ЕУ законодавството и негова практична имплементација во секојдневното гранично полициско работење”, рече министерот Спасовски.

Говорејќи за важноста од соработката со ФРОНТЕКС, министерот Спасовски истакна:

„Соработката со Агенцијата бележеше раст, а за нас беше од исклучително значење не само од аспект на оперативната соработка туку и во процесот на јакнење на националните капацитети и олеснето усогласување со ЕУ стандардите во областа на граничното работење. Оваа соработка резултираше и со потпишување а сега веќе операционализирање на таканаречениот Статус Договор, односно Договор помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија, кој воедно претставува и прв договор ефектуиран согласно новата Регулатива за Агенцијата. Круна на досегашната соработка е отпочнувањето на Заедничката операција на Фронтекс на наша територија, со што и формално минатата недела станавме дел од големото семејство на земји во кој се изведуваат заеднички операции на Фронтекс, започнувајчи од Финска на север па се до Грција на југ”, рече Спасовски, додавајќи дека и досега Министерството за внатрешни работи имаше висок степен на вклученост во заедничките иницијативи и одговори на заканите по граничната безбедност, но со отпочнувањето на оваа операција се очекува уште поголема интегрираност во системот на регионална гранична безбедност и уште поголема ефикасност во справувањето со предизвиците.

Потсетувајќи се на мигрантската криза од 2015 година, без европско присуство на границите, министерот Спасовски истакна дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија иницираше и успешно спроведе Специјална мерка односно Заедничка операција која од почетокот на кризата и непосредно до самото распоредување на персонал на Фронтекс беше индикатор за успех, учинок и придонес кон европските напори за безбедни граници и менаџирање и борба против илегалната миграција.

„На врвот на мигрантската криза во 2015 година, 8 земји од кои 7 членки на Европскатга унија  – Австрија, Унгарија, Чешка, Полска, Словачка, Словенија, Хрватска и Србија позитивно одговорија на нашето барање за поддршка и упатија свои контингенти на македонско – грчката граница иако и самите се справуваа со прилив на илегални мигранти на своја територија и со Ковид кризата”, рече Спасовски.

Навраќајќи се на појавата на COVID – 19, како и руската агресија врз Украина, кои предизвикаа промени во сите сфери на животот, па и во работата на граничните полициските службеници, Спасовски истакна:

„Покрај обврската за продолжување со извршување на редовните задачи, но сега во сложени и чувствителни околности и под закана по јавното здравје, граничните служби имаа и дополнителни обврски во спречување на ширењето на пандемијата, преземање на мерки за обезбедување на транспортот на неопходни стоки и добра, но и справување со промените во трендовите на прекуграничниот криминал предизвикани од појавата на пандемијата. Масовното раселување на лица како последица на војната во Украина е уште еден од серијата големи предизвици. Иако како држава не сме засегнати до степен како соседните држави на Украина или некои ЕУ држави, сепак успешното справување со оваа состојба предизвикува ангажирање на човечки, административни и други ресурси”, рече Спасовски.

Истакнувајќи ја важноста од натамошно јакнење на националните капацитети како дел од напорите во процесот на приклучување кон Европската унија, преку билатералниот скрининг кој започна минатата есен, во рамки на Поглавјето 24 – Правда, слобода, безбедност, министерот Спасовски рече:

„Бележиме напредок во сите овие активности, а голем придонес во тоа има поддршката од Европската Комисија, агенциите на Европската унија и Обединетите Нации, како и другите меѓународни организации и партнери, како ОБСЕ, ИЦМПД, ДКАФ и други. Од аспект на јакнење на техничките капацитети, Чешката Република, Германија и САД во голема мера се заслужни за добрата опременост на граничната полиција. Заедно со донациите на ЕК, овозможија граничната служба да располага со високо – софистицирана опрема и средства за гранични проверки и граничен надзор”, рече Спасовски, додавајќи дека МВР е дел од сите регионални и меѓународни иницијативи кои имаат за цел изнаоѓање на заеднички одговори на заканите во областа на управување со граници и со миграции.

На крајот од своето обраќање, Спасовски потенцираше дека како одговорна институција продолжуваме  со градење на капацитетот за одржливо управување со миграциите.

„Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи со својот проактивен и отворен пристап, остануваат да бидат активен и кредибилен партнер во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси. Во делот на миграцијата, главен приоритет на МВР е одржување и продлабочување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и со земјите на потекло, како и со агенциите на ЕУ, ОН и други релевантни меѓународни организации. Мораме да вложуваме во дополнителна обука на органите за спроведување на законот, да продолжиме да инвестираме во материјално-техничките средства, особено во информациските технологии кои може значително да помогнат во одговорот во оваа област”, подвлече министерот Спасовски.

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Центар: Герасимовски – Граѓаните да не си ги трошат парите на...

0
Инспекциските служи на Општина Центар денеска отстранија застаклен објект на државно земјиште кој не поседува одобрение за поставување времени објекти согласно чл. 81. Станува збор...