spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМаричиќ: Преговорите со ЕУ ги отвораат европските програми за иновации и технолошки...

Маричиќ: Преговорите со ЕУ ги отвораат европските програми за иновации и технолошки развој за македонските истражувачи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ е во работна посета на Брисел по повод одржувањето на билатералниот скрининг состанок за Поглавје 25, „Наука и истражување“.

Вицепремиерот Маричиќ во воведното обраќање на билатералниот состанок пред Европската комисија кажа дека македонската Влада е подготвена да ги исполни условите потребни за ефективно учество во истражувачки програми, со цел Северна Македонија да се интегрира во Европската истражувачка област и да дава свој придонес во истата.

– Преговорите со ЕУ отвораат нов циклус во развојот на науката и истражувањето во Северна Македонија и секако ни дава добра рамка и голема мотивација да продолжиме по патот што го одиме, рече Маричиќ.

Главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ, ја искористи приликата и накратко ги претстави реформите и работата преземена во областа, укажувајќи на она што досега е преземено и она на што се работи.

– Северна Македонија е во завршна фаза на развивање на Стратегијата за паметна специјализација, следејќи ја стандардната методологија на Европската унија и во континуирана комуникација со Заедничкиот истражувачки центар. Усвојувањето на Стратегијата за паметна специјализација и поставувањето на институционалната инфраструктура за поддршка на соработката меѓу академијата и бизнисот е од особено значење за создавање конкурентна економија, рече Маричиќ, додавајќи дека имаме развиено и национален патоказ за истражувачка инфраструктура и дека „Фондот за иновации и технолошки развој како агенција за имплементација континуирано спроведува активности поврзани со доделување средства за иновативни проекти во мали и средни претпријатија“.

Тој посочи дека буџетот за истражување е двојно зголемен во споредба со претходните две години и дека е насочен кон финансирање на научно-истражувачки проекти и истражувачка инфраструктура, како во академската средина, така и во јавните истражувачки институции.

Маричиќ укажа дека истражувањето и иновациите во денешно време се сметаат за двигатели на секоја економија која се стреми да биде попросперитетна и поконкурентна.
– Во исто време, истражувањето и иновациите се сметаат за средства за постигнување дигитална и зелена трансформација на секое општество. Како земја членка на ЕУ, ќе имаме можност целосно да учествуваме во истражувачките програми на ЕУ, што значи вклучување на македонските истражувачи во големи проекти за иновации, истражување и наука, рече Маричиќ.

На крајот од своето излагање главниот преговарач со ЕУ изрази задоволство што Северна Македонија ќе биде домаќин на овогодишниот министерски состанок за Западен Балкан во Скопје на 5-6 јуни, бидејќи според Маричиќ „овој состанок е од политичко и стратешко значење за нашата земја, но и можност за министрите од Западен Балкан, високите претставници на Комисијата, другите релевантни чинители да се вклучат во значајна дискусија и да развијат уште подлабоки врски и соработки“.

Северна Македонија од јануари 2021 година е полноправна членка на програмата на Унијата „Хоризонт Европа“ за истражување и иновации, во која учествува под истите правила и обврски како и земјите-членки на ЕУ, со што Европската комисија дава стратешкото значење кое се рефлектира преку агендата на Комисијата за иновации, истражување, образование, култура и млади, информирааат од Секретаријатот за европски прашања.

На билатералниот скрининг состанок учествуваа претставници на Работната група предводена од Министерството за образование и наука како главна институција за Поглавјето 25, како и претставници на Министерството за економија, Фондот за иновации и технолошки развој, Државниот завод за индустриска сопственост, експерти од академската средина, Комисијата за спречување на корупција, кои ја презентираа правната рамка, нивото на усогласеност, институционалната рамка и идните планови во областите: наука, политики за истражување и иновации, аспект на рамнотежа меѓу половите, концептот на отворена наука, заштита на индустриската сопственост во контекст на истражување и развој, учество во програми на Европската унија и соработка со други европски и меѓународни мрежи, тела и агенции.

Следен состанок на билатералната скрининг агенда, од Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“, е за Поглавје 19, „Социјална политика и вработување“, кое ќе се одржи од 10-12 мај.

Во рамки на работната посета на Брисел, вицепремиерот за европски прашања ќе се сретне со вршителката на должност директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Микела Матуела и со Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

 

 

 

 

Извор: Секретаријат за европски прашања 

Прочитајте