spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Членка на меѓународната организација АЛДА

Карпош: Членка на меѓународната организација АЛДА

По долгогодишна соработка и бројните проекти спроведени со Европската организација за локална демократијa – АЛДА, во мај 2023 година, Општина Карпош стана и официјална членка на оваа реномирана организација, во насока на зацврстување на партнерскиот однос.

Пред управниот одбор на АЛДА опширно излагање за апликацијата за членство на Oпштина Карпош имаше м-р Роберт Јанковски, советник за соработка со невладини и меѓународни организации, кој ги презентираше досегашните активности со АЛДА како и плановите за периодот кој следува. По презентацијата, одборот едногласно одлучи да ја прими Општина Карпош како нов член на АЛДА а воедно испрати и покана за полноправно учество на годишното собрание кое ќе се одржи во Брисел, во јуни оваа година.

АЛДА – Европската асоцијација за локална демократија е организација посветена на промоцијата на доброто владеење и граѓанското учество на локално ниво. АЛДА особено се фокусира на активностите кои ја олеснуваат соработката помеѓу локалните власти и граѓанското општество. Мрежата на оваа меѓународна организација се состои од 350 членки (локални власти, асоцијации на локални власти и невладини организации) од 40 различни земји.

Инаку, АЛДА е основана во 1999 година како иницијатива на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, за да ја координира и поддржи мрежата на Агенциите за локална демократија, основана во деведесеттите години. АЛДА е чадор-организација на Агенциите за локална демократија (ЛДА) кои се самоодржливи, локално регистрирани невладини организации кои дејствуваат како промотори на доброто локално владеење во нивните региони.

Соработката на Општина Карпош со АЛДА започна со активностите во програмата на Соработка меѓу Нормандија и Македонија, каде општината беше збратимена со градот Флери од Нормандија и преку која беа спроведени бројни проекти на различни теми и размена на искуства.

Статусот на официјална членка во АЛДА подразбира и надоградување на искуството на локалната самоуправа при спроведување на разни проекти, со кои се  отвораат бројни можности на вмрежување и создавање на партнерства на Европско ниво и пошироко. Членството, исто така ќе и овозможи на Општина Карпош да се доближи до европските стандарди на работење, секако во интерес на своите сограѓани.

 

 

Извор: Општина Карпош

Прочитајте