spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Бесими - Платите на вработените во јавниот сектор ќе растат системски,...

МФ: Бесими – Платите на вработените во јавниот сектор ќе растат системски, преку утврдена методологија за динамика на раст

Платите на вработените во јавниот сектор ќе се дефинираат преку Законот за плати со кој ќе се утврдат правилата по кои во иднина ќе се уредуваат платите во јавните институции и преку Oпштиот колективен договор кој ќе ја содржи методологијата за системско решавање на динамиката на раст на платите на вработените во јавниот сектор.

Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната средба со новинарите, на која потенцира дека донесувањето на Законот за плати е подолготраен процес, но дека е на повидок, со што ќе се заокружи донесувањето на Општиот колективен договор којшто ја содржи методологијата за раст на платите на вработените во јавниот сектор.

„Општиот колективен договор е прашање за кое се разговара во рамки на Економско-социјалниот совет. Минатата недела имавме состанок и оптимист сум во однос на изнаоѓањето решение. Имаше два предлога, основицата да биде минималната плата или просечната плата.  И двата се прифатливи за нас. Тоа е голема реформа што не може да се изврши во текот на една година и треба да има транзициски период“, истакна министерот Бесими.

Министерот потенцира дека без оглед кое решение ќе се прифати, тоа треба да биде одржливо, да обезбеди достојни и пристојни плати за вработените и да го штити животниот стандард и инфлаторните движења. Како што се воспостави системи со минимaлната плата и пензиите, така и кај платите на вработените во јавниот сектор ќе се воспостави систем со кој при растот на платите ќе се земат предвид трошоците на живот и перформансот на економијата, односно просечната плата.

„Во изминатите години имаше раст на платите во повеќе сектори во јавниот сектор, а со системското решение тој раст ќе продолжи “, рече министерот за финансии и додаде дека решението за раст на платите треба да се применува од наредната година, бидејќи сите реформи што се спроведуваат треба да бидат предвидени во среднорочната рамка.

 

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

Карпош: Прв „хотел“ за згрижување на диви пчели

0
По повод одбележување на Денот на планетета Земја во населбата Карпош 3, претставници на невладината организација ТАКТ во соработка со Општина Карпош го поставија...