Од денеска, околу 350 дечиња кои се згрижени во детската градинка „Орце Николов“ во населбата Карпош 3, ќе добиваат еднаш неделно по еден килограм првокласно македонско овошје. Поточно, секое детенце коешто е запишано во градинка, во текот на седмицата еднаш ќе добива по еден килограм кајсии, праски, сливи, круши или јаболка. Станува збор за кампањата којашто ја реализира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), која ги опфаќа сите детски градинки во државава.
По тој повод, министерот Љупчо Николовски и раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес при Општина Карпош, Гордана Зафировска, денеска ја посетија оваа претшколска установа, каде што присуствуваа на тематските работилници, поразговараа со дечињата и им ги поделија пакетчињата со овошје.

- Во име на локалната самоуправа ја поздравувам оваа иницијатива на МЗШВ и испраќам искрена поддршка за овој проект, бидејќи на овој начин го збогатуваме здравиот оброк на дечињата од нашите градинки, со дополнителни свежи природни намирници – истакна раководителката Зафировска.
Инаку, овој проект се реализира втора година по ред преку програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел, поддршка на откупот на овошјето, зеленчукот, млекото и млечните производи кои ги произведуваат нашите домашни земјоделци.
Извор: Општина Центар






























