Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска посети корисник на социјална услуга помош и нега во домот, на територијата на општина Карпош, за директно да се информира како се одвива имплементацијата на оваа услуга.
Оваа услуга, која е наменета за лица со навршени 65 години на кои им е потребна поддршка и грижа во домашни услови е дел од сеопфатната социјална реформа што ја имплементира Министерството на труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, преку Проектот за подобрување на социјалните услуги.
„Ваквите посети на корисниците и директната комуникација со нив придонесуваат да стекнеме целосна слика за тоа колку како Влада и ресорно министерство сме успеале да ги согледаме вистинските потреби на луѓето и да креираме мерки и политики кои ќе овозможат поголема инклузивност, ќе бидат достапни за сите на кои им е неопходна поддршка и она што е најважното – ќе го унапредат квалитетот на животот на луѓето. Од комуникацијата со овие наши сограѓани, кои преку оваа социјална услуга ја добиваат неопходната помош и нега во средината во која тие се чувствуваат најдобро, а тоа се нивните домови, можам да заклучам дека тие се задоволни од квалитетот на услугата, што за мене, а верувам и за сите кои се вклучени во синџирот на имплементацијата на услугата, е најважно“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Во оваа прилика таа искажа благодарност кон лицата кои секојдневно се грижат корисниците да ја добијат потребната поддршка, кон лиценцираните даватели на услугите, како и кон општините во кои се имплементираат овие услуги, за нивниот придонес во правилното и успешното функционирање на новиот децентрализиран систем на социјални услуги.
Конкретно, на територијата на општина Карпош, помош и нега во домот добиваат околу 60 корисници. Тие секојдневно, а најмногу до 80 часа месечно, добиваат помош при извршувањето на секојдневните активности – одржување на личната хигиена, облекување, хранење и примање на медицинската терапија, како и поддршка при чистење во домот, готвење, набавка на намирници и лекови. Оваа социјална услуга ја спроведуваат вкупно 20 обучени негувателки од „Нега Центар Карпош“ – давател на услуги што работи во состав на Црвениот крст–Скопје и поседува дозвола за вршење дејност од социјална заштита.
Во рамки на Компонента 1 од Проектот за подобрување на социјалните услуги досега се поддржани вкупно 34 проекти кои ќе овозможат давање на услуги во 41 општина. Најголем дел од овие проекти се наменети за помош и нега на стари, изнемоштени и лица со попреченост во нивните домови, а се обезбедуваат и дневни центри за стари лица, дневни центри за престој на лица и деца со попреченост и центри за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, како и услугата лична асистенција. За давање на овие услуги досега се обучени 300 лица кои обезбедуваат соодветни услуги за повеќе од 1200 корисници.
Извор: Влада