Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ во континуитет работат на унапредување на менталното здравје и благосостојбата на учениците. Клучен фактор за обезбедување квалитетен пристап на стручните соработници во работата со учениците е нивната обука.
Во мај оваа година беа организирани осум регионални работилници за јакнење на вештините на стручните соработници за ефикасно справување со различниот опсег на предизвици поврзани со менталното здравје на основците и средношколците. На работилниците учествуваа 521 стручен соработник, односно повеќе од половина од психолозите, педагозите, специјалните едукатори и социолозите кои работат во основните и средните училишта.
Претходно, во рамки на Програмата за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини, развиена од УНИЦЕФ во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, преку менторски сесии, беа опфатени 649 стручни соработници.