spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМОН: Со неосновани критики и ширење дезинформации заради политички поени, не се...

МОН: Со неосновани критики и ширење дезинформации заради политички поени, не се дава придонес во градењето на квалитетен образовен систем

Наместо неосновани критики и ширење на дезинформации, Министерството за образование и наука ги повикува политичките субјекти кои сакаат да дадат придонес кон унапредувањето на квалитетот на националниот образовен систем, да го сторат тоа преку конструктивни сугестии. Како институција сме отворени за соработка со секој добронамерен општествен чинител кој мисли добро на државата и нејзината иднина.

Во време кога се спроведува најкрупната образовна реформа во државата, преку  Концепција која е резултат на инклузивен пристап со учество и согласност на сите засегнати страни, не е потребно креирање невистини само за да се создадат непотребни грижи кај учениците и семејствата на учениците, околу тоа дали институциите и образовните установи се подготвени за успешен почеток и тек на учебната година.

Веднаш да информираме дека учебници за учениците ќе има. За време на летниот период годинава, Министерството за образование и наука успеа сите одобрени учебници да ги испечати и до 1 септември истите ќе бидат испорачани до училиштата и на располагање на учениците. Еден мал дел учебници, кои не се испечатени се всушност сé уште во постапка, односно за одобрување на истите одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани. Во меѓувреме на располагање ќе бидат помошни материјали за ученици и прирачници за наставници кои ќе ја збогатат наставата. Истите се изработени од страна на Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб страната на Бирото. Секако, постои можност секое училиште на своја иницијатива, индивидуално да одлучи да ги испечати.

По однос на интегрирањето предмети, јавноста знае дека овој процес не е нов, се спроведува десетина години наназад и како резултат на истиот е произлезен предметот природни науки, за кој досега никогаш немало реакции.

Интегрирањето на предмети не предвидува укинување на содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети. Секој наставен предмет ќе има повеќе модули што ќе овозможат ученикот да ја изучува наставната содржина од повеќе аспекти, односно да добие поцелосна слика за одредена случка, процес, состојба и слично.

Транспарентно, во многу наврати досега информиравме на кој начин ќе се предаваат овие интегрирани содржини. Важно е да се истакне дека ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови, заради воведување на новите интегрирани наставни програми. Бројот на часови е идентичен како и порано, а она што го воведуваме со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти, развивање на критичко мислење.

Како поддршка на наставниците и на учениците во реализацијата на новите програми се новите кабинети по природни науки, опремени од страна на МОН со поддршка на Светска Банка минатата година, како и новите наставни и нагледни средства за предметите од групата на општествени науки, како историја и географија, набавени годинава.

За сите новини во основното образование, министерството обезбедува и директна поддршка за наставниците и за стручниот кадар во училиштата со цел правилна имплементација. Па така, континуирано организираме обуки за наставниот кадар на различни теми кои се од интерес за нивното работење. Даваме можност преку креиран каталог со 26 акредитирани програми (22 за наставници и 4 за стручни соработници), секој самостојно да одбере кој тип на лични компетенции ќе ги надгради. Колку за информација, само во периодот од октомври до декември 2022 година, на околу 600 обуки присуствуваа над 14 илјади наставници и 800 стручни соработници. Додека во периодот од јуни до крајот на овој месец  на обуките учествуваат 17.200 наставници и 1.100 стручни соработници.

Големо олеснување за наставниците ќе биде воведувањето на новиот електронски дневник кој треба да ги надмине предизвиците на кои тие укажуваа досега. Софтверското решение е веќе изготвено, со поддршка од ИПА фондовите на ЕУ и е во фаза на тестирање, по што ќе пилотира во одреден број училишта до конечно имплементирање во сите училишта во државата.

МОН ќе продолжи да ја имплементира Концепцијата за основно образование и покрај обидите на одредени политички чинители, да го поткопаат процесот на реформирање. Две фази се веќе успешно спроведени, следи третата која ги опфаќа трето и шесто одделение, а следната година и останатите, погорни одделенија – седмо, осмо и деветто.

МОН прави анализа на успешноста на промените во секоја фаза и секако дека постои простор за надградување на целиот процес, а политичките и сите други субјекти имаат можност да дадат своја конструктивна сугестија, иако, многумина од актуелните дежурни критичари на сè што сега се прави во образованието, имаа можност во изминатиот период да го подобрат образованието.

Квалитетно образование не се достигнува преку ноќ, тоа е процес во кој со свој придонес се вградуваат сите добронамерни чинители.

 

 

 

Извор: Министерство за образование и наука 

Прочитајте

Се реализираше примопредавањето на премиерската функција

0
Во Владата на Република Северна Македонија, досегашниот претседател на Владата, Талат Џафери, ја предаде премиерската функција на новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски. По пристигнувањето,...