Владата на РС Македонија ги финализира преговорите за обезбедување финансиски средства од Банката за развој при Советот на Европа – (CEB). Барањето е веќе доставено до Банката, и се очекува до крајот на овој месец да се финализираат условите, а до крајот на годината да бидат и одобрени од страна на Банката. Ова беше соопштено на средбата на министерот за финансии со гувернерот на ЦЕБ Карло Монтичели и вицегувернерот на ЦЕБ Томаш Бочек во Париз.
„Банката за развој при Советот на Европа е една од водечките меѓународни финансиски институции во земјава која поддржува инвестиции во јавната социјална инфраструктура, како и поддршка на приватниот сектор, особено малите и средни претпријатија. Оваа нова кредитна линија е токму насочена кон поддршка на мали и средни претпријатија и дел од широката лепеза на проекти на кои работи Владата и со други финансиски институции, а со цел да се поддржи нивната ликвидност и зелени инвестиции во период на криза“, рече министерот Бесими.
Тој посочи дека станува збор за 50 милиони евра за домашните компании, кои ќе се пласираат преку Развојната банка и кои се надополнување на веќе постоечките производи кои со поддршка од Владата се пласираат преку Развојната банка, а се насочени кон поддршка на компаниите.
Исто така Банката има одобрено грант од 1,1 милиони евра од Фондот за зелени социјални инвестиции, со кој ќе се финансираат поставување фотонапонски централи на училишни објекти во земјава кои се реновирани исто така преку проект поддржан од оваа финансиска институција.
Соговорниците ја потврдија успешната соработка помеѓу РС Македонија и оваа меѓународна финансиска институција која досега учествува во реализација на девет проекти од јавниот сектор во износ од 264 милиони евра. Поддршката е насочена во здравствениот сектор, образованието, правда, изградба на социјални станови, како и поддршка на мали и средни претпријатија, а се очекува во наредниот период преземените реформи во делот на јавните финансии да придонесат кон забрзување на динамиката на реализација на проектите.
На средбата стана збор и за стратешката рамка на Банката во наредниот период и иницијативата за зголемување на капиталот на Банката, што ќе овозможи зголемени активности на Банката за периодот 2023-2027 година во земјите членки, а на што РС Македонија, како членка, даде позитивен одговор.
Извор: Влада