spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаСо пуштање во употреба на новите сали за интервентна кардиологија и радиологија,...

Со пуштање во употреба на новите сали за интервентна кардиологија и радиологија, создаваме услови за најсовремени интервенции

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за здравство д-р Фатмир Меџити и заменичката-министерка д-р Маја Манолева, денеска беа во посета на ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Во рамки на посетата премиерот Ковачевски ги посети трите нови сали за кардиологија и интервентна радиологија кои се опремени со нови модерни ангиографи. Со пуштањето во употреба денеска, во ГОБ „8 Септември“ се создадени услови за интервентни кардиолошки и радиолошки процедури на највисоко ниво исто како и во Клиничкиот центар.

„Во Градската општа болница работат врвни експерти од многу области: кардилогија, интерна медицина, хирургија, ортопедија, овде се лекуваат многу пацинети, исто како што се лекуваат и на Клиниките. Како Влада свесни сме дека постојниот развој на медицината бара следење на сите современи текови, затоа ги следиме барањата на болниците, клиниките, здравствените установи во државата и го поддржуваме нивниот развој. Наш фокус е да создадеме модерно и современо јавно здравство, за доброто на сите наши граѓани. Изминативе неколку години, после четири децении за прв пат, се реновираа, осовременија, многу здравствени капацитети, се набави скапа опрема, и не само во здравствените установи во Скопје туку низ цела држава. Нашите граѓани, заслужуваат здравство коешто е врвно, кое се унапредува од ден во ден и кое ги зголемува своите капацитети за згрижување на сите граѓани на кои им е потребна здравствена нега“, рече премиерот Ковачевски.

Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити истакна дека со трите сали за кардиологија и интервентна радиологија опремени со нови модерни ангиографи, уште повеќе се подига нивото на оваа здравствена установа, бидејќи во ГОБ „8 Септември“ скоро и да нема експертиза што не се работи и на Клиниките.

„Овие сали за интервенции од областа на кардиологијата се сериозна помош за растеретување на Клинички центар, посебно во делот на сложените интервенции. Трите нови сали кои почнуваат со работа од денеска се од исклучително значање за намалување на листите на чекање за интервенции од областа на кардиологијата, како коронарографии, каротидографии, периферни ангиографии, коронарни стентирања, стентирања на каротидите и стентирање на крвните садови на екстремитетите. Итните случаи како пациенти со акутен инфаркт и миокард повеќе нема да чекаат, туку нивното згрижување и прифаќање ќе биде итно и што е од голема важност тоа нема да го наруши редовниот програм на пациентите закажани во редовниот термин“, истакна министерот Меџити.

Директорот на ГОБ „8 Септемри“ д-р Христијан Костов во своето излагање истакна дека за осовременување на дијагностичките процедури во болницата набавена е најсофистицирана опрема и апаратура.

„Два апарати за васкуларни и радиолошки интервентни процедури, односно ангиографи со кои значително ќе се намалат листите на чекање за коронарографии, каротидографии, периферни ангиографии, коронарни и каротидни стентирања, како и стентирањата на крвните садови на екстремитетите. Потоа го набавивме и апаратот за мамографија со стереотакса, апаратот за ултразвук со висока резолуција адекватен за најразлични дијагностички процедури, компјутерски томограф од нова генерација, кој има 128-слајсен детектор, со висока резолуција и брзина, и до него дневно може да се „снимат“ повеќе од 40 пациенти во било која форма на дијагностика. Два најмодерни дигитални апарати за конвенционални графии, апарат за навигација, наменет за хирургија на носот, синусите, ушите и базата на черепот, со цел побезбедна хирургија на овие области .Изразуваме искрена и голема благодарност на нашите пријатели народот на Јапонија, како и на Светска Банка“, рече Костов.


Интегрално обраќањето на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски:

„Најпрвин сакам да го честитам Денот на Независноста на нашата држава. Денеска е најубав ден за државата, бидејќи на денешен ден пред 32 години ја обезбедивме нашата независност преку 95% гласање на сите наши граѓани, и ова е ден кој е значаен за нашата држава. Остваривме една голема цел а тоа е независна држава којашто изминатите 32 години секој ден се развива во сите области на живеењето.

Денес сум тука заедно со министерот, со заменичката-министерка, со директорот и со целиот лекарски персонал во ГОБ „8 Септември“ најголемата болница на подрачјето на градот Скопје, во која пуштаме најсовремена опрема во употреба во три сали во интервентна кардиологија, и тоа со најсовремени десет апарати за работа на докторите.  Одбележуваме уште една остварена цел за ефикасно здравствено згрижување на пациентите, како и создавање на софистицирани и современи услови за работа на нашите лекари, медицински сестри, болничари, техничари и останатите здравствени работници. Според она што докторите го кажаа се работи навистина за најсовремена опрема, еден дел од апаратурата која е тука инсталирана и која се користи е за прв пат инсталирана во државата и не постои во ниту една јавна здравствена установа и којашто помага да се лекуваат пациенти и на кардиолошките клиники тука, меѓутоа и за потребите на другите оддели коишто работат во „8 Септември“.

И покрај сите предизвици коишто државата ги имаше меѓутоа и цела Европа во оваа голема енергетска и економска криза сепак обновувањето на здравствените капацитети како што е овде во „8 Септември“ градската болница не се престана и постојано се одвива на сите јавни здравствени установи.

Градска Општа Болница „8 Септември“ досега многу пати низ годините наназад покажа дека одлично се снаоѓа во кризни моменти, и дека има експерти во многу области кои соодветно одговараат на потребите на голем број пациенти. И покрај сите предизвици, грижата за обновување на здравствените капацитети никогаш не запре во ГОБ „8 Септември“.

Денеска со пуштањето на три нови сали за интервентна кардиологија и интервентна радиологија, кои се опремени со најсофистицирана и најмодерна опрема од светски реномирани производители, се создаваат услови за најсовремени интервенции за пациентите ширум државата.

Во оваа прилика сакам да упатам посебна благодарност до нашите пријатели, народот на Јапонија коишто донираа средства коишто денес се пуштија во употреба и секако Министерството за здравство коешто преку своја соработка со Светска Банка и болницата „8 Септември“ ги обезбедија другите средства за комплетно инсталирање на оваа современа опрема.

Во Градската општа болница работат врвни експерти од многу области: кардиологија, интерна медицина, хирургија, ортопедија, овде се лекуваат многу пациенти.

Како Влада свесни сме дека постојниот развој на медицината бара следење на сите современи текови, и затоа ги следиме барањата на болниците, клиниките, здравствените установи во државата и го поддржуваме нивниот развој.

Наш фокус е да создадеме модерно здравство, систем којшто ќе работи за доброто на граѓаните. Изминативе неколку години, после долги децении за прв пат, се реновираа, осовременија, многу здравствени капацитети, се набави скапа опрема за лекување, и не само во здравствените установи во Скопје, туку и во здравствените установи ширум државата.

Бидејќи нашите граѓани, заслужуваат здравство коешто е врвно, коешто се унапредува од ден во ден и коешто ги зголемува своите капацитети за згрижување за сите граѓани на кои што им е потребна здравствена нега.

Јас верувам дека експретизата во многу области како и во нивната пожртвуваност, тука пред сè мислам на лекарите коишто деноноќно работат на овозможување на здравствени услуги за граѓаните, е нешто на што треба сите да бидеме благодарни, нешто за што треба навистина да им одадеме голема почит и драго ми е што оваа болница го одбрала токму денот 8 септември да биде нејзино име и да биде патронен празник на болницата.

Овој месец исто така ќе биде потпишана и спогодбата, меѓу Министерството за здравство и Синдикатот на здравствените работници за ново зголемување на платите на медицинскиот персонал од јавното здравство, кое е второ по ред оваа годинава. Владата досега повеќекратно ги зголеми платите и на медицинскиот и немедицинскиот персонал кои со тоа имаат веќе многукратно поголема основна плата од тоа што го имаа во минатото.

Тие многу пати нè направиле горди во изминатите години, треба да се присетиме на првата трансплантација која беше извршена на срце во државата, па да се присетиме на трансплантациите коишто ги прави клиниката за дигестивна хирургија, за клиниката за урологија, и тоа е нешто што нашата држава ја запишува во листата на држави коишто прават најсофистицирани и најкомплицирани операции, кои во многу држави и не можат да се направат. Тие со тоа не направиле горди, а наше е да возвратиме на сите оние доктори коишто 24 часа на ден се посветени на пациентите, односно на сите нас, да се им заблагодариме и на тој начин да покажеме дека и државата стои преку финансирање на сè она што значи и повисоки плати, меѓутоа и обезбедување на подобра опрема како денес за нивното работење.

На крајот би сакал уште еднаш да го честитам „8 Септември“ – Денот на независноста, да посакам уште многу успешни приказни, уште многу вакви успешни проекти и многу добиени битки за доброто на пациентите. И на крајот како што секогаш се вели кога се пушта здравствена опрема во употреба, што помалку да биде користена“.

 

 

Извор: Влада

Прочитајте