spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМОН: Шаќири - Преку нова електронска платформа нашите научници ќе се поврзуваат...

МОН: Шаќири – Преку нова електронска платформа нашите научници ќе се поврзуваат и продлабочуваат соработка со колегите од Европа

Северна Македонија се приклучи кон европската иницијатива за поврзување на научниците од земјите на стариот континент и олеснување на пристапот до отворени бази, односно збирки на податоци заради ефектуирање на нивниот труд и постигнување на научно – истражувачките цели. Дадовме поддршка на развојот и примената на таканаречениот „Европски облак за отворена наука“ – платформа која интегрира, односно обезбедува пристап до различни бази на податоци креирани од институции или пак од самите научници, а кои можат да послужат во реализацијата и развојот на научно – истражувачката дејност.

Ова во изјава за медиумите го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пред почетокот на денешната обука за примена на „Европскиот облак за отворена наука“, што ја организира Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како институција која го координира процесот на пристапување кон платформата и активностите за нејзина надградба, преку пополнување со отворени податочни сетови креирани во Северна Македонија.

„Преку посебна лабораторија Open Science Cloud, која е инсталирана на ФИНКИ, а набавена е со поддршка од државата пред 2 години кога со 4 милиони евра набавивме опрема за повеќе научни и високообразовни установи, нашите научници имаат можност сиот свој труд, односно научни трудови, анализи и збирки на податоци да ги споделуваат со своите колеги во Европа, како и да имаат пристап до нивните архиви кои се достапни на европската платформа“, рече министерот Шаќири.

Тој додаде дека Европскиот облак за отворена наука (EOSC) е камен-темелник на дигиталната стратегија на ЕК за истражување и дека нашето вклучување во оваа платформа ќе придонесе за модернизација на науката, повеќе иновации, градење на капацитети на истражувачите и нивна интеграција во европскиот истражувачки простор.

Шаќири информираше дека за поддршка на EOSC, земјава номинираше членови во Управниот одбор на EOSC во 2020 година, а со формирањето на здружението EOSC, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, односно Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, се здоби со статусот полноправна членка.

На работилницата за примената на платформата за поврзување на научниците и истражувачките работници од Европа што се одржува во Охрид, учествуваат околу 100 учесници од земјите од Западен Балкан и Украина.

 

 

 

 

Извор: Министерство за образование и наука 

Прочитајте

Град Скопје: Одбележан 20 Мај – Денот на македонските пожарникари

0
Град Скопје во Територијалната противпожарна бригада, денеска го одбележа 20 Мај - Денот на пожарникарите. Свеченоста почна со постројување на пожарникарите, а командантот на...