spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Побарувачката за Граѓанската обврзница 80% поголема од понудениот износ

МФ: Побарувачката за Граѓанската обврзница 80% поголема од понудениот износ

Втората емисија на Граѓанска обврзница успешно беше реализирана. Денеска на аукцијата се запишаа граѓански обврзници во износ од 1.085.480.000 денари (17,7 милиони евра) што е за 1,8 пати повисок од износот објавен во Проспектот за втората емисија Граѓанска обврзница.

 

„Ова покажува дека Граѓанската обврзница веќе е препознатлива од страна на граѓаните и дека го најде своето место на пазарот. По првата емисија на која интересот беше поголем за 2,4 пати од објавениот износ, интересот продолжи и на втората емисија, а веќе граѓаните имаат интерес за тоа кога ќе има нова емисија“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

 

Тој додаде дека граѓаните кои овој пат одлучија да ги инвестираат своите пари во граѓанска обврзница приносот или добивката од нивниот влог ќе го добијат за првата година на 14 ноември 2024 година и приносот за втората година на 14 ноември 2025 година, кога ќе им биде вратен и целиот инвестиран износ.

 

„Граѓанската обврзница им нуди на граѓаните сигурност и безбедност за вложените пари, како и атрактивна камата, преку која ја заштитуваат вредноста на парите. Од друга страна инвестираат и во развојот на државата, затоа што парите добиени од граѓанската обврзница, како и другите обврзници кои се предвидени со Планот за забрзан раст и Стратегијата за управување со јавен долг, се насочени во реализација на развојни проекти“, потенцира министерот Бесими.

 

На денешната аукција 907 граѓани запишаа граѓански обврзници. Во наредните денови следи процесот на запишување на граѓанските обврзници во Централниот депозитар за хартии од вредност.

 

Проспектот за втората емисија Граѓанска обврзница беше објавен на 18 октомври. Граѓаните можеа да поднесат барање за учество на аукцијата од 18 октомври до 6 ноември преку сите деловни банки во земјата. Граѓанската обврзница е нов инструмент кој Министерството за финансии го воведе од јули оваа година на финансискиот пазар. Покрај Граѓанската обврзница на финансискиот пазар како нов инструмент беше воведена и Зелената обврзница, а согласно Планот за забрзување на растот и Стратегијата за управување со јавен долг на пазарот во иднина ќе биде воведена и Проектната обврзница.

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте