Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во Берово ја отвори 44-тата традиционална манифестација МАКИНОВА- изложба на пронајдоци, иновации, нови технологии, нови производи, технички унапредувања, индустриски дизајн, трговски марки, младинско-истражувачко креативно творештво и 21-та ЕКОНОВА –изложба на еколошки иновации, пронајдоци и идеи.
„Технологијата темелно го менува светот во кој живееме, а иновациите и креативните идеи играат витална улога во обликувањето на сегашноста и отвораат спектар на нови можности за иднината. Со изложби како денешнава, им оддаваме признание на иноваторите, на мислечките и креативни луѓе и се потсетуваме дека токму таквите луѓе го движат светот напред.“- изјави во своето обраќање вицепремиерката Грковска и истакна дека особено е важно кога на ова поле се истакнуваат младите луѓе, кои не само што се примарни корисници на тоа што го носи технолошкиот напредок, туку го поседуваат носечкиот потенцијал во општеството.
„Тие се иднината на нашата татковина и на нашиот заеднички свет, а со творечкиот ангажман од овој вид, младите даваат сопствен влог во градењето на таа иднина и во отворањето нови перспективи за личен и заеднички развој. И тоа треба да нѐ радува сите.“, нагласи Грковска и им оддаде признание на илјадниците просветни, научни и други стручни лица, кои се вклучени во развојот на техничката писменост и култура.
Меѓународната изложба за иновации и пронајдоци МАКИНОВА и ЕКОНОВА 2023 е организирана од страна на Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија-СПАТУМ и Народна техника на Македонија, а со поддршка на Владата на Република Северна Македонија, министерствата за образование и наука, економија, животна средина и други институции. Таа се одвива под покровителство на Претседателот Стево Пендаровски; кој утре ќе ги прогласи победниците на овогодишното издание на манифестацијата.
Отворањето на овој значаен настан се поклопува со одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој. Во таа насока, вицепремиерката Грковска посочи дека и оваа манифестација е одлична можност за да се истакне значајната улога на научниот пристап за севкупниот прогрес на општеството и за подобрување и олеснување на секојдневниот живот на луѓето. Темата на Обединетите нации за одбележување на овој ден годинава е „Градење доверба во науката“, затоа што само со доверба во научниот метод, може соодветно да ја обликуваме нашата заедница и колективната иднина.
Извор: Влада