spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Советот го усвои ребалансот на БУЏЕТОТ

Карпош: Советот го усвои ребалансот на БУЏЕТОТ

Во рамки на продолжението на триесет и четвртата седница која се одржа денеска на Универзитетот Скопје, советниците од Општина Карпош ги разгледуваа и полноправно одлучуваа за точките кои се најдоа на дневниот ред. По опширната презентација на финансискиот материјал, беа усвоени измените и дополнувањата на Буџетот на локалната самоуправа за 2023 година. Потребата за донесување на оваа Одлука произлезе од релативно добрата реализација на приходите и на расходите, како и на намалената дотација на приходот од данок на додадена вредност од износ од 41.395.000 на износ од 39.241.000 денари и зголемената блок дотација за основните училишта од 361.347.000 на 383.093.000 денари.

 

Во колоната за Буџет на Општина Карпош за 2023 година има промени во приходниот дел, каде што претходниот износ од 545.323.000 денари се зголемува на 601.651.000 денари. Притоа, промени бележат само одредени приходни ставки каква што е данокот од доход на добивки и од капитални добивки од износ 19.650.000 на 35.080.000 денари, поради зголемен износ на ставката данок на плати на вработени лица во трговски друштва. Исто така, зголемена е ставката за даноци на специфични услуги од износ 226.191.000 на 268.243.000 денари, поради зголемување на ставката за надомест за уредување на градежно земјиште. Поради остварена поголема продажба на неизградено градежно земјиште, зголемена е оваа ставка од 13.150.000 на 14.150.000 денари, а намалена е ставката за трансфери од други нивоа на власт од 64.332.000 на 62.178.000 денари, поради намалени средства од дотации за ДДВ.

 

Во општинскиот Буџет за 2023 година е извршена корекција на расходите по програми и подпрограми, односно во програмата Градоначалник, вкупната сума е зголемена од износ 6.310.000 на 7.460.000 денари, бидејќи од ставките за пензионирање и други трансфери се исплаќаат средства за пензионирање и посмртнина на вработените во основните училишта и детските градинки на територија на Карпош.

 

Бидејќи се намалени тековните трошоци за комунални услуги на ставката за електрична енергија и за водовод и канализација, во програмата Месна самоуправа се намали и вкупната сума од 2.655.000 на износ од 1.755.000 денари. Поради зголемување на контото за услуги за обезбедување на објекти и поправка и одржување на софтверска и хардверска опрема, извршено е зголемување и на износот од 7.850.000 на 9.250.000 денари.

Кај програмата ЕАО – Капитални трошоци на општината, извршено е зголемување од износ од 37.350.000 на 64.050.000 денари. Овие парични средства ќе бидат наменети за доизградба на новата општинска зграда и купување на информатичка опрема. Во програмата Ф10 – Урбанистичко планирање е извршено намалување на ставката за изработка на просторни и урбанистички планови од 950.000 на 350.000 денари.

 

За еден и половина милион денари, односно од 13.000.000 на 14.500.000 денари се зголемуваат средствата од подпрограмата за тековно, редовно и уредно одржување на урбаната опрема на територија на општината. За исто толкав износ, односно од 24.500.000 на 23.000.000 денари се намалуваат средствата за плаќање на сметки за електрична енергија. Во подпрограмата Ј40 – Јавна чистота се зголемува износот од 41.050.000 на 44.050.000 денари, додека пак за одржување и заштита на локални патишта се намалува износот од 9.000.000 на 8.000.000 денари, поради тоа што има доволно предвидени средства за одржување на локалните патишта на територија на Карпош. За поставување на ново јавно осветлување, се зголемуваат средствата во подпрограмата ЈАО, од 2.600.000 на 3.600.000 денари.

 

Поради тоа што се предвидени повеќе парични средства за изградба на простор за паркирање, се менува и финансиската конструкција на оваа подпрограма за половина милион денари, поточно од 1.200.000 на 1.700.000 денари. Во подпрограмата ЛАО – Спорт и рекреација (капитални трошоци), износот од 1.000.000 денари се зголемува во висина на 6.000.000 денари, поради тоа што се потребни средства за изградба на детски игралишта. Во подпрограмата ВАО – Детски градинки (капитални расходи), износот од 4.400.000 се намалува на 1.400.000 денари, поради потребата за подготвување на проекти за изградба на нова детска градинка. Во колоната на Донации, сумата во расходниот дел се зголемува од износ од 31.113.000 на 34.813.000 денари, поради остварување на поголеми донации.

 

На денешната седница „зелено светло“ добија и трите Предлог-Одлуки за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Карпош и Град Скопје. Станува збор за соработка во областа на екологијата и инфраструктурата. Имено, двете институции ќе реализираат активности за партерно уредување и озеленување на просторот помеѓу реката Вардар и Булевар Илинден, на потегот со улица Никола Парапунов и улица Љубљанска. Град Скопје ќе учествува со средства во висина од 30.000.000 денари, а Општина Карпош ќе придонесе со решавање на можните имотно-правни спорови, како и издавање на сите потребни дозволи пред започнување на изведбата.

 

Исто така, двете институции ќе остварат меѓуопштинска соработка за изградба на улиците Новопланирана 1 и 2 во населбата Криви Дол. Градот Скопје ќе учествува со финансиски средства во висина од 6.142.466 денари, а Општината ќе има обврска да ги решава можните имотно-правни спорови. Преку меѓуопштинска соработка ќе се реконструира и улицата Калош Дани во населбата Момин Поток, за која Градот Скопје ќе инвестира 13.413.467 денари.

 

Советот ги поддржа измените и дополнувањата на Програмите за 2023 година од областа на екологијата и енергетската ефикасност, Програмата за уредување на градежно земјиште, како и Програмите во областа на спортот, културата и образованието.

 

Разгледани и усвоени беа и Предлог – Мислењата за Програмите за изведување на ученички екскурзии и други ученички активности за 2023/2024 година, во сите десет основни училишта кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа. Овие ученички активности би се реализирале во согласност со воспитно-образовните цели и задачи, во насока на утврдување на основните знаења на учениците за историските настани, појави, процеси и личности од националната историја и култура. Исто така, основците на овој начин ќе се запознаат непосредно со природните убавини на нашата држава, како и со објектите од областа на стопанството во Македонија. Конкретната цел е учениците на овој начин да развијат позитивен однос кон националните, културните, индустриските и естетските вредности кои не опкружуваат.

 

Минатата седница, советниците го усвоија и Предлог – Заклучокот на Кварталниот извештај за периодот од 01.01.2023 до 30.09.2023 година. Имено, во образецот за третиот квартал за 2023 година, во колоната – План се прикажани вкупните приходи во износ од 1.170.355.000 денари и во колоната – Реализирано се прикажани реализираните приходи во третиот квартал во висина од 798.653.582 денари. Во Буџетот на општината, приходите се планирани во износ од 545.323.000 денари, а е остварена реализација на приходите за вториот квартал во износ од 376.809.936 денари.

 

По презентацијата на проектот за изградба на дел од прифатилиште за бездомни животни на територијата на Карпош, која минатата седница пред советниците ја образложија претставниците на здружението „Шепасти ентузијасти“, членовите на Советот одлучија да ја поддржат иницијативата според која Општината ќе донира 300.000 денари за реализација на оваа идеја. Имено, членовите на ова граѓанско здружение кое официјално е регистрирано во 2019 година, со планираните средства кои ќе ги добијат од Општината, ќе изградат дел од прифатилиште со 10 дополнителни боксови за згрижување на уште 50 животни, кое ќе функционира како центар за рехабилитација и хидротерапија.

 

 

Извор: Општина Карпош

Прочитајте

МЗ: Почна пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип

0
Министерството за здравство информира дека од денес, преку веб страницата – vakcinacija.mk, почнува пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип за ризични групи население. Набавени...