Претседателот на Федерацијата за бокс на Европа, д-р Јоанис Филипатос, надзорникот на Европа Сима Виорел Родбун, заедно со претставници од Боксерската федерација беа на официјален состанок во Агенцијата за млади и спорт.
На средбата се разговараше за состојбата и предизвиците што ги носи боксот во Македонија. Претставниците на ЕУБЦ се обврзаа да обезбедат постојана поддршка за Националната боксерска федерација, вклучувајќи го организирањето на Балканскиот шампионат во Северна Македонија и едно европско првенство, како и обука и лиценцирање на тренери и судии.
Една од причините за средбата беше претстојниот Меѓународен боксерски турнир „Златен гонг“ што ќе се одржи на 11 и 12 ноември во Скопје, за кој досега се пријавени учесници од 13 земји меѓу кои: Англија, Шведска, Молдавија, Бугарија, Романија, Унгарија, Србија, Црна Гора, Белгија, Словенија, Косово, Албанија и Полска.
– Оваа посета на високите претставници на европскиот бокс претставува значаен чекор кон развојот и промоцијата на боксот во нашата земја, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски. Нашата држава има историја во боксот, и наша следна цел е со целосна поддршка да им дадеме шанса и потпомогнеме на новата генерација на таленти, да прераснат во врвни боксери-носители на медали од меѓународни натпреварувања.
Тој додаде дека споделувањето на знаењата и искуствата со лидерите на европскиот бокс покажува заеднички ангажман за омасовување на боксот во Македонија. Овој партнерски однос ги креира потребните услови за развој и успех на нашите спортисти на меѓународната сцена.
Извор: Агенција за млади и спорт