Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше состанок со Рене Троказ, специјален претставник за Западен Балкан на Француската Република. Вицепремиерката Грковска се заблагодари за поддршката што Француската Република и ја дава на Република Северна Македонија и особено ја поздрави одлуката на француската Влада да делегира специјален претставник за Западен Балкан, со што ќе се зајакне присуството и поддршката на земјите од регионот во рамките на реформскиот процес и евроинтеграцискиот пат.
Таа го информираше специјалниот претставник Троказ за трите столба на кои се фокусира работата на нејзиниот Кабинет, а тоа се креирање на антикорупциски политики, ефикасни, отчетни и транспарентни институции, како и дигитална трансформација на општеството. Грковска нагласи дека главна основа на овие политики мора да биде воспоставување на вистински вредности во општеството и системот, што е предуслов за демократски напредок и развој.
Специјалниот претставник Троказ го поздрави овој пристап на градење политики и истакна дека Европската Унија дава приоритет на воспоставувањето заеднички вредности и создавање високи морални и етички стандарди. Двајцата соговорници разговараа и за можностите за идна соработка во рамките на реформскиот процес, при што се осврнаа на искуството што Франција го има во градењето на ефикасна администрација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде неутрална.
Извор: Влада