1.Какви реформи се случуваат во општинската администрација во Штип?
Во изминатиот период Општина Штип спроведува континуирани реформи во општинската администрација, насочени кон подобрување на ефикасноста, транспарентноста и професионалноста во работењето. Дел од реформите се однесуваат на подмладување на кадарот, со што се внесува нова енергија и мотивација кај вработените кои преку својата посветеност и идеи придонесуваат кон модерна и функционална администрација. Истовремено, се работи и на унапредување на организациската структура и воведување дигитални алатки за побрза и поефикасна услуга кон граѓаните.

2. Што се предвидува и следува со Колективниот договор во Општина Штип, какви идеи и проекти имате за подобрување на работните услови за вработените?
Општина Штип постојано работи на унапредување на правата и условите за работа на вработените преку континуирани активности поврзани со Колективниот договор. Дел од проектите се насочени кон наградување според придонесот и постигнатите резултати, создавање пријатни услови за одмор и дружење преку ставање во функција на кафетеријата, како и планирање простор каде вработените ќе можат привремено да ги остават своите деца. Дополнително, се вложува во подобрување на работната атмосфера, поттикнување на професионалниот развој и градење на силен тимски дух.

3. Дали ќе воведете награда за Најдобар административен службеник и Најдобар млад административен службеник во тековната година?
Да, веќе се размислува во оваа насока. Целта е преку воведување на награда за „Најдобар административен службеник“ да се поттикне култура на признание и вреднување на посветеноста, професионалноста и резултатите во работењето. Оваа практика ќе овозможи дополнителна мотивација за сите вработени да се стремат кон повисоки стандарди и поголема посветеност во извршувањето на своите задачи.
4. Како и дали треба да се направи реорганизација во Општина Штип, кои се вашите мерки и идеи?
Општина Штип разгледува можности за делумна реорганизација, особено во делот на физичката распределба на административните служби, со цел граѓаните на едно место да можат да завршат поголем дел од своите обврски. Дополнително, во фокусот е дигитализацијата на услугите, што ќе придонесе за заштеда на време, поголема достапност и транспарентност. Сите овие мерки се насочени кон создавање пофункционална, современа и ефикасна општинска администрација.
5. Дали и на кој начин ќе ја поттикнете спортската и хуманата страна на вработените во Општина Штип?
Во Општина Штип особено се негува спортскиот дух и тимската соработка. Вработените редовно учествуваат на спортски турнири и натпревари, каде колегите од синдикатот често постигнуваат високи резултати и се пласираат меѓу најдобрите. Покрај спортот, поттикнуваме и хумани активности, како вклучување во крводарителски акции и поддршка на граѓани и семејства на кои им е потребна помош, со што се зајакнува чувството на заедништво и општествена одговорност.





6. Кои се вашите клучни проекти што ги направивте во досегашниот мандат како градоначалник?
Клучните приоритети на Општина Штип ќе бидат насочени кон инфраструктурен и урбан развој, при што се очекува да се реализираат проекти како: изградба на обиколницата меѓу населбите „Баби“ и „Балканска“, санација и уредување на калето на тврдината Исар, поставување на СКАДА систем за трајно решавање на проблемот со водоснабдување, уредување на влезот на градот од населбата „Три Чешми“ до „Железничка“, развој на спа-центар кај бањата Кежовица, уредување на плоштадот и пешачките зони во центарот, како и реставрација на саат-кулата. Дополнително, ќе се посвети посебно внимание на создавање зони за рекреација и активности за деца и млади, со цел да се подобри квалитетот на животот во градот.





7. Дали имате партиски реваншизам и отпуштање на административни службеници по основ на политичка припадност и како гарантирате дека тоа нема да се случи?
Општина Штип е пример за институција каде што предност секогаш има квалитетот, професионалноста и компетентноста, а не партиската припадност. Во изминатите години оваа пракса се покажа како позитивен модел кој овозможува стабилна, одговорна и мотивирана администрација. Истата политика ќе продолжи и понатаму, бидејќи единствен критериум за напредување или вработување е посветеноста и професионалниот придонес на секој поединец.




8. Дали ќе им дадете вистинското значење, дејствување и положба на синдикатот во Општина Штип за унапредување и заштита на работничките права?
Синдикатот во Општина Штип веќе има своја заслужена улога и позиција во системот. Континуирано се одржува комуникација и соработка со синдикалните претставници, со цел да се унапредуваат правата и условите на вработените. Општината останува посветена на негување на партнерски однос заснован на заемна доверба, транспарентност и почитување на законските права на работниците.
9. Дали ќе овозможите едукација и усовршување на административните службеници преку размена на проекти, програми и семинари?
Секако, Општина Штип е целосно посветена на создавање можности за континуирана едукација и усовршување на административните службеници. Поддржуваме размена на искуства и знаења преку различни форми на обука, програми и професионални семинари, со цел да се поттикне развој на нови вештини и подобрување на административните процеси во интерес на граѓаните.

10. Колку капитални проекти имате досега, колку домашни и странски инвестиции се донесени и колку нови работни места се отворени во Општина Штип?
Во последните години Општина Штип потврдува дека е атрактивна дестинација за инвестиции и развој. Се реализираат повеќе капитални проекти од локален и регионален интерес, а интересот на домашни и странски инвеститори постојано расте, особено во секторот на обновливи извори на енергија и лесната индустрија. Благодарение на поддршката што локалната самоуправа ја обезбедува, бројот на вработени во Штип континуирано расте, што позитивно се одразува на економијата и на квалитетот на живот на граѓаните.


Извор: Javnaadministracija.mk























