Градоначалникот Марко Колев вчера оствари средба со Виталиј Грегоријанин и Блерта Ќерими, надворешни експерти за евалуација ангажирани од Светска банка. На средбата, Градоначалникот Колев изрази задоволство од резулатите на проектот кој веќе привлекува голем број посетители особено за време на викенд, на прошетка покрај езерото Младост.
Како што нагласи Градоначалникот Колев особено важна придобивка во рамките на проектот е новата инфраструктура, подобрувањето на условите за работа на хотелите, рестораните и винариите околу езерото како и иновативните паметни елементи кои за првпат се воведени во една туристичка дестинација во државата. Грегоријанин и Ќерими истакнаа дека целта на нивната посета е да ги увидат првичните резултати од проектот, показателите на успешност и влијанието на проектот за развојот на туризмот во регионот.
Покрај средбата со Градоначалникот, евалуаторите го посетија Регионалното туристичко биро во центарот на Велес како и содржините и уредените локации покрај езерото Младост. Проектот е во вкупна вредност од 66.877.825 денари од кои 59.897.094 се обезбедени од ЕУ, а 5.557.395 денари од Општина Велес. Проектот е спроведен според протоколите на Светска банка со управување од проектната единица во рамките на Програмата за локална и регионална конкурентност.
Извор: Општина Велес