На ден 16.02.2022 година, новиот претседател на Регионалниот одбор на СОНК – Битола ја одржа својата прва работна средба, на која присуствуваа новоизбраните претседатели на синдикални организации. На работната средба беа избрани членови на Надзорен одбор и нивни заменици, член во Советот на Синдикалниот фонд и член во Советот на СОНК по структура.
Се разговараше за проблемите и незадоволството во дејностите детска заштита, основно и средно образование и за достоинствено вреднување на трудот во овие дејности. Секако, беше отворено и прашањето за минималната плата односно зголемување на платите по методологија на множење на минималната плата со коефициентот на сложеност на секој вработен, потоа за исплата на надоместок за патни трошоци и регрес за годишен одмор – К15 и усогласување на овие барања со колективните договори. Се нагласи потребата од продолжување на процесот на потпишување на колективните договори за основно и средно образование и нивно доследно почитување.
Исто така, се дискутираше за усогласување на работното време во градинките, со оглед на фактот што истото се разликува во различни установи и претставува проблем кој треба што поскоро да се реши.
На крајот на работната средба се донесе заклучок дека Регионалниот одбор на СОНК – Битола го подржува и охрабрува раководството на СОНК да продолжи со притисокот и барањата на своите членови, искористувајќи ги сите расположливи механизми, вклучително и протест, генерален штрајк и слично, се додека не се исполнат барањата кои се реални и неопходни.
Извор: СОНК