На Шестиот Конгрес на еколози на Северна Македонија со меѓународно учество, што од 15-18 октомври се одржува во Охрид, заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање, Христина Оџаклиеска, имаше поздравно обраќање.
Таа, го истакна забележителниот напредок во напорите за заштита на животната средина во нашата земја, кој е нотиран и во овогодинешниот Извештај за напредок од страна на Европската Комисија. Но, воедно и нагласи дека останува обврската и понатаму активно да се работи на тоа поле, а вистински напредок може да се оствари само со заедничко делување и споделување на идеи, иновации и научни достигнувања.
На Конгресот учествуваа околу 200 експерти, професори студенти и млади истражувачи од повеќе земји од регионот, кои во рамките на предвидените осум работни секции, ги презентираа своите научни трудови и достигнувања од областа на екологијата и заштитата на животната средина.
Во рамки на настанот, на заменик министерката Оџаклиеска, како претставник од Министерството за животна средина и просторно планирање, ѝ беше врачена благодарница за долгогодишната успешна соработка и взаемна поддршка на Македонското еколошко друштво и Министерството за животна средина и просторно плaнирање, како и поради активната соработка со здруженијата и организациите кои делуваат во сферата на заштита на животната средина.
Министерството за животна средина и просторно плaнирање дава јасна и недвосмислена поддршка на процесите и иницијативите поврзани со унапредување на еколошкото образование и за напорите за стимулирање на иновативниот пристап за заштита на животната средина.
Настанот е во организација на Македонското еколошко друштво, кое воедно ја прославува 50-годишнината од своето активно делување.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање