Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити денеска учествуваше на дебатата организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, посветена на прашања поврзани со процесот за изработка на Законот за висока раководна служба.
Ова е многу важна тема, која претставува клучен фактор во реформите на јавната администрација. МИОА има преземено многу активности и мерки во насока на професионализација на раководните позиции и деполитизација на администрацијата, вклучително и изготвување на Законот за висока раководна служба.
,,Со овој закон имаме намера да ги одвоиме политичките позиции од раководните позиции во институциите и да воспоставиме механизам за избор на високо раководство целосно засновано на заслуги, како и регулирање на нивните надлежности“, нагласи министерот Алити.
Заблагодарувајќи се на ИДСЦС за поканата, министерот Алити ја изрази својата лична одлучност како и одлучноста на МИОА за квалитетно спроведување на овој процес и ги охрабри сите чинители да се вклучат во нашиот заеднички напор, што е во интерес на демократијата на земјата.