Завчера, во Њу Делхи, беа одржани редовни политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Индија.
Делегациите беа предводени од Заменичката – министер за надворешни работи, Фатмире Исаки и Заменикот министер за надворешни работи, Санџај Верма.На разговорите беше констатирано дека односите меѓу двете пријателски држави се добри, стабилни, со голем простор за нивно продлабочување.
Беше разговарано за модалитетите на соработката во голем број области од заеднички интерес, со конкретни предлози за проширување на правната рамка, како предуслов за проширување на соработката.
Соговорниците констатираа дека трговската размена е релативно мала, со голем дефицит на македонската страна. Постои огромен простор за зголемување на трговската размена, при што беа разгледувани конкретни мерки и активности.
Истовремено, беа разгледани начините за проширување на соработката и во други области, како културата, образованието и здравството.
Со задоволство беше констатирано дека отворањето на нашата Амбасада во Њу Делхи, во 2009 година, придонесе за продлабочување на односите и дека отворање на Амбасада на Индија во Скопје би бил чекор кон уште потесна соработка.
Двете страни констатираа дека постои извонредна соработка на мултилатерален план, која и во иднина треба да остане на ова ниво.
Беа разгледани повеќе актуелни меѓународни прашања, при што соговорниците ги претставија актуелностите од сопствените региони.
На крајот, беше констатирана потребата од возобновување на билатералните посети на високо и највисоко ниво.