Агенцијата за млади и спорт организира прием за Европскиот првак Бобан Илиоски и бронзената од Анталија, Викторија Варадинова.
-Успесите на сите спортисти кои како вистински амбасадори ја претставуваат нашата држава се важни, но посебно е задоволството кога станува збор за европски првак, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски.
Тој им честита на успехот на двајцата медалисти од последното европско првенство во кик-бокс одржано во Анталија, Турција.
Македонската химна одекна во Анталија во чест на европскиот првак Бобан Илиоски.
-Многу сум среќен, но не застанувам тука оти на ред за освојување е светската титула идната година, истакна Илиоски.
Тој додаде дека спортистите имаат за цел да тренираат и остваруваат врвни резултати, а останатите работи се задача на националните спортски федерации и државните институции.
Викторија Варадинова успеа на својот прв настап во сениорска конкуренција да го освои бронзениот медал, што претставува огромен успех.
Извор: Агенција за млади и спорт