spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаМаричиќ: Преговорите со ЕУ се најважниот македонски проект кој мора успешно да...

Маричиќ: Преговорите со ЕУ се најважниот македонски проект кој мора успешно да го завршиме

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, рече дека оваа година на евроинтеграциски план треба да донесе целосно комплетирање на скрининг процесот, реформски напредок и отворање на поглавјата, се разбира после завршувањето на уставните измени.

-Имаме историска прилика која не смееме да ја пропуштиме. За нас преговорите се историска и единствена можност за брза и темелна трансформација на македонското општество на подобро, односно шанса за европеизација на државата, изјави Маричиќ.

Маричиќ додаде дека ова е најголемиот и најважниот македонски проект кој бара обединување и поставување на сите општествени чинители на начин на кој функционира и Европската унија: Дијалог, солидарност, поддршка и компромис и како главен преговарач со ЕУ повикува сите заедно да покажеме дека визијата и желбата земјата да ја направиме членка на ЕУ до 2030 е реална и поважна од сè кога е во прашање нашата иднина.

-Со скринингот добиваме прецизна, аналитичка презентација на состојбата во однос на усогласеноста на македонското право со европското. Ги нотираме недостатоците и ги дефинираме следните задачи на кои ќе треба да работиме за да ги постигнеме европските стандарди, во догледен рок, согласно определбата за членство во ЕУ во 2030.

Вицепремиерот кажа дека скринингот е делот од евроинтеграциите кој практично ги „турка“ реформите дома, до целосна подготвеност на земјата за членство во Унијата и дека првичните коментари од сите вклучени страни во процесот се позитивни, а оценката и клучните укажувања ќе ги добиеме во скрининг Извештаите, кои Маричиќ очекува да бидат подготвени што е можно побрзо од Европската комисија и одобрени од Советот.

-За Кластер 1, кој го завршивме пред нешто повеќе од месец дена, ќе барам скрининг Извештајот да биде доставен до нас во наредните 3 до 4 месеци, бидејќи тоа ќе ни помогне во подготовката на Патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, истакна главниот преговарач со ЕУ.

Маричиќ нагласи дека во рамки на Патоказот за владеење на правото, ќе треба да се подготви и Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и образование, нагласувајќи дека ова се теми низ кои поминаа и во кои се подобруваа сите држави членки на ЕУ.

Во меѓувреме, додека се подготвуваат и финализираат патоказите, во координација со Делегацијата на ЕУ, подготвуваме и реформски план кој ќе ни обезбеди поголем фокус и исполнување на клучните реформски приоритети во текот на годината, најави на прес-конференцијата Маричиќ.

Маричиќ тврди дека процесот на преговори со ЕУ Владата ќе го води максимално отворено и инклузивно и кажа дека периодов го мобилизираат најдоброто од македонското општество, за да се обезбеди најдоброто за граѓаните, вклучувајќи ги експертите, искусните и подготвените капацитети од граѓанскиот сектор, од академската заедница, од медиумите.

Маричиќ извести дека скринингот е во напредна фаза и се одвива онака како што е предвиден со Европската комисија. Успешно е заокружен Кластер 1, а во понеделник ги започнуваме билатералните скрининг состаноци за Поглавјата 3,6 и 7, односно „Право на основање и слобода на давање услуги“, „Право на трговски друштва“ и „Право на интелектуална сопственост“, од Кластерот 2, „Внатрешен пазар“.

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Карпош: Две образовни институции се збратимија со основното училиште „Драго Миловиќ“...

0
Градоначалниците на збратимените општини Карпош и Тиват, Стевчо Јакимовски и Жељко Комненовиќ, вчера потпишаа меморандум за соработка во областа на образованието. Станува збор за...