Во организација на локалната самоуправа од Карпош и на Коалицијата на младински организации – СЕГА, вчера попладне во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, се одржа јавна расправа по Нацрт-локалната стратегија за млади на Општина Карпош (2023-2027). Во рамки на јавната дебата, беше одржана и кратка презентација за приоритетите и осумте области на интервенција, а самиот процес го координираше службеничката за млади при Општина Карпош, Ивана Темелковска.
Имено, приоритетите и областите беа изработени во процесот на подготвување на локалната стратегија, преку претходно спроведено онлајн истражување со помош на алатката Survey Monkey, како и преку фокус групата и работната група кои исто така беа вклучени во самиот процес. Свое излагање имаа и советниците од Општина Карпош, Добрила Андоновска и Роберт Велјановски, кои во оваа пригода ја поздравија младинската иницијатива вклучувајќи ги тука и нивните креативни предлози.
На јавната расправа присуствуваа и претставници од општинските основни и средни училишта од територија на Општина Карпош, кои дадоа свое видување на процесот на изработување и унапредување на стратешкиот документ. По досега доставените предлози ќе се одржи состанок на ниво на работната група, која ќе ги да ги разгледа овие идеи и потоа ќе донесе одлука. Оваа стратегија е изработена со поддршка на Коалиција на младински организации СЕГА, како дел од проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“, кој е финансиран од ЕУ во кој се вклучени четири општини, вклучувајќи ги локалните самоуправи Кисела Вода, Битола и Тетово. Инаку, партнери на овој проект се и СОС Детско село – СМ, Женскиот Форум од Тетово и Волонтерски Центар – Скопје. Фасилитатори во процесот беа г-дин Ѓоко Вукановски и г-ѓа Ивана Велковска.
Извор: Општина Карпош