Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој изврши посета на корисници на програмите за поддршка во земјоделството и руралниот развој во овчеполскиот регион.
Во рамки на теренските активности, Бачовски ја посети семејната фарма И.З Алек – Дај од с.Горобинци, Свети Николе. И.З Алек – Дај е корисник на мерката за набавка на високостелен приплоден добиток од програмата за рурален развој.
Со финансиска поддршка обезбедена од АФПЗРР, оваа фарма е збогатена со нови 30 говеда од расата Сименталец. Овие високостелни педигрирани говеда се увезени од Унгарија, а финансиската поддршка за нивната набавка е во висина од 3.3 милиони денари што претставува 75 % од вкупните направени трошоци.
Директорот Бачовски го посети и Сашко Серафимов од Свети Николе кој е корисник на финансиска поддршка од програмата за земјоделство, интервентниот фонд и ИПАРД програмата.
Овој индивидуален земјоделец обработува повеќе од 50 ха житарици и е активен корисник на повеќе владини програми. Со финансиска поддршка преку програмата за директни плаќања, субвенционирање на вештачките ѓубрива преку интервентниот фонд како и модернизација на механизацијата преку ИПАРД програмата, овој корисник е спремен да ги зголеми површините коишто ги обработува, а за тоа и да се зголеми домашното производство на стратешки култури.
,,Секогаш е убаво да се види дека програмите кои ги имплементираме и финансиската поддршка којашто ја реализираме резултираат со развој во земјоделството и сточарството. Во 2023 влегуваме со зголемена поддршка за земјоделството и руралниот развој, најголем домашен буџет досега и со ново ИПАРД програмско поглавје со буџет од 120 милиони евра. Целата оваа поддршка ќе биде ставена на располагање на сите земјоделци и сточари,а се со цел стимулирање на домашното производство и преработка на храна – посочи директорот Бачовски.
Агенцијата минатата недела ја реализираше исплатата за директни плаќања за оддржување на лозови насади и за одгледување на житни култури за што беа исплатени 17 милиони евра за 15.000 лозари и 24.000 полјоделци.
Извор: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој