Под мотото „Веселиот панаѓур за малите и искрени срца“ се одржа хуманитарен настан во рамки на училишниот двор на ООУ „Лазо Трповски“, во организација на Општина Карпош и друштвото за маркетинг „Фанки Макси“. Целта на оваа хуманитарна акција беше да се соберат финансиски средства за понатамошното лекување на 19 годишниот Никола Ѓорѓиев, дете без родители, на кое му е дијагностициран канцер на коските.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој ја даде својата донација за да се спаси еден млад човечки живот. Имено, најмладите ја искажаа својата солидарност и хуманост преку игра, музика, забава и едукација, а секој од присутните имаше можност да донира парични средства во поставените осум кутии за донација, кои беа изработени од децата од ООУ Лазо Трповски. Хуманитарниот настан ја збогатија и производителите на изработка на ракотворби, накит и слики, кои своите дела ги продаваа по симболична цена и кои беа дел од донаторската акција. Дел од ова случување, беше и можноста да се види мини зоолошка градина, како и да се едуцираат најмладите за одржување на личната и орална хигиена.
Извор: Општина Карпош