Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Министерството за информатично општество и администрација и Националниот сојуз на слепи лица, финишираше со изработката на софтвер – апликација за лицата со оштетен вид сега достапна и за iOS уреди.
„Со особена чест се придружуваме на иницијативата на УНДП и Националниот сојуз на слепи лица, во креирањето модели и конкретни дигитални решенија за ранливите категории со цел нивна поголема инклузија во сите социо – економски текови. Најголемиот предизвик на нашето време не е како да изградиме дигитално општество, туку како да изградиме фер дигитално општество со еднакви можности за сите. Hајновата иницијатива на МИОА “ДигиталнаЕра” ќе придонесе за значително намалување на потрошеното време од страна на граѓаните при добивањето на една услуга, како и подобрување на квалитетот на услугите. Исто така ќе овозможи подобрување на дигиталната инфраструктура за лицата со попреченост, како и приоритет за овие лица при добивање на услугите, со оглед дека основната цел на иницијативата, меѓу другото, е да се олесни соработката меѓу институциите и граѓаните,“ потенцираше министерoт за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
Апликацијата на македонски јазик и албански јазик, симболично наречени Кико и Хана, овозможува пишаниот текст да се слушне и разбере во аудио верзија. Апликацијата – аудио читач ќе биде бесплатна и достапна за сите корисници на Андроид и iOS системи под името RHVoice, мобилни телефони, десктоп компјутери или други електронски уреди.
„Кико“ и „Хана“ имаат примена во сите области на живеењето, а алатката може да се користи и од од учениците, студентите, невработените лица кои бараат работа, практикантите, вработените и сите оние кои се соочуваат со потешкотии при совладување на информациите прикажани во текст.
„Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост дефинира дека сите лица со попреченост мора да уживаат права на еднаква основа со сите. Тоа беше и главна водилка при изработквата на овие уникатни продукти наменети за лицата со оштетен вид. Дигиталната трансформација е присутна во сите наши проектни активности, а секако посебно внимание посветуваме на обезбедување дигитални решенија за постигнување целосна инклузија за сите категории граѓани“, истакна Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан.
При изработката на двете верзии на читачот, активна улога имаа и членовите на Националниот сојуз на слепи кои беа и се вклучени во сите фази на реализацијата на проектот. За Секретарот на Националниот сојуз на слепи, изработката на аудио читачот претставува огромен исчекор во квалитетот на живот на оваа категорија на граѓани.
,,Потенцијалот на овие гласови е сѐ уште голем и со нивното адаптирање за работа и на ајфон и ајпад за овие гласови се отвораат нови можности. Во иднина овие гласови се надеваме дека ќе добијат и уште поголема примена, односно, се надеваме дека ќе ги слушаме во автобусите за најава на наредната автобуска станица, во банкоматите за исчитување на менијата и копчињата на нив и на многу други места,“изјави Секретарот на Националниот сојуз на слепи, Глигор Самарџиски.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација