Спроведувањето на утврдените структурни реформи од страна на Владата, поддржани од ЕУ, преку ИПА фондовите и Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан се основа за одржување на економската отпорност и поттикнување инклузивен раст. Значајна улога во тоа ќе одиграат забрзувањето на зелената и дигиталната транзиција, спроведувањето на реформите во образованието, подобрувањето на конкурентноста на домашните компании, намалувањето на неформалната економија, како и отворањето нови работни места. Ова се дел од препораките од заедничките заклучоци од Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција што се одржа денеска во Брисел, а на кој учествуваше министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Се соочуваме со нова реалност диктирана од неколку последователни кризи кои бараат имплементација на соодветни и ефикасни политики, од кои повеќето бараат брза реакција, а истовремено заштита на јавните финансии. Во такви услови, кога имаме забавување на економскиот раст, главниот фокус на владините политики, покрај справувањето со високата инфлација, е насочен кон поддршка на инвестициите потребни за одржување позитивна стапка на раст на краток рок и забрзување на растот на среден рок, како и кон спроведување на структурните реформи“, рече министерот Фатмир Бесими.
Тој потенцира дека со цел да се заштитат јавните финансии и да се остави поголем фискален простор за капитални инвестиции, се работи на фискална консолидација и мерки за зголемување на приходите преку концептот на даночна реформа, намалување на неформалната економија и слично.
Спроведувањето на препораките ќе даде свој придонес во градење економија поотпорна на шокови и во забрзувањето на растот на среден рок, кој се очекува да постигне просечна стапка на раст од 4% во периодот 2024-2028 година. Важно е земјата да продолжи со фискалната консолидација. Во 2022 година буџетскиот дефицит беше помал од планираниот и покрај големата енергетска поддршка, а во 2025 година е проектиран на 2,9% од БДП. Дополнителен напредок се очекува во наредниот период и тоа преку спроведување на најавената даночна реформа и поставените фискални правила од новиот Закон за буџети. Инфлацијата , којашто е резултат на глобалните фактори, се намалува. Монетарната политика е соодветно затегната и треба да се продолжи со будно следење на состојбата и да се зачува стабилноста на цените. Насоките се да се продолжи со реформите во образованието и активните политики за подобрување на вклученоста на пазарот на трудот.
Ризиците сè уште се поврзани со неизвесноста од војната во Украина, цените на енергијата и храната, како и со условите на глобалниот финансиски пазар. Во таа насока, поддршката за ранливите категории граѓани и фирми треба да продолжи доколку е потребно и таа треба да биде насочена. За поддршка на реформите и справување со предизвиците ЕУ предложи 100 милиони евра макрофинансиска помош за покривање на потребите за финансирање на земјата.
На годишниот Економски и финансиски дијалог во Брисел присуствуваа претставници на земјите членки на ЕУ, Западен Балкан и Турција, Европската комисија и Европската централна банка, како и претставници на централните банки на Западен Балкан и Турција.
Учесниците се согласија дека Дијалогот треба да продолжи да игра централна улога во утврдувањето заеднички насоки за политика за поддршка на одржливо среднорочно економско закрепнување и да помогне во исполнувањето на економските критериуми за пристапување во ЕУ. Тие ја изразија својата посветеност во Дијалогот и ги охрабрија земјите од Западен Балкан и Турција да ги спроведат заеднички утврдените политики и реформи.
https://data.consilium.europa.eu/doc/document/ST-9478-2023-INIT/en/PDF.
Извор: Министерство за финансии