Пред главниот влез на „Скопје Сити Мол“, деновиве беше пуштена во употреба првата „еко – зона“ во Карпош, каде што беше поставен специјален сад за одложување на помали електрични уреди и електронски отпад. За таа цел, Општина Карпош во соработка со друштвото за управување со отпад – „Нула Отпад“, денеска на плоштадот „Делфина“ ја промовираа кампањата за правилно отстранување на електричен и електронски отпад (ЕЕО), како и отпад од батерии и акумулатори (ОБА). За таа намена, периодов беа поставени девет специјални садови за одлагање на сите видови на ЕЕО и ОБА, во рамки на најфреквентните делови на локалната самоуправа. Во таа насока, граѓаните ќе можат сами да го одложат својот помал електричен или електронски отпад, на местата на кои се поставени овие специјални садови.
Имено, по еден специјален сад има поставено на плоштадот „Делфина“ во Влае, кај Тинексот во Карпош 4, на пазарчето во Тафталиџе 2, во близина на маркетот Веро кај Млечен, кај Тинексот кај Драмскиот факултет, пред Сити Мол, во рамки на плоштадот Млечен, во Т.Ц „Лептокарија“ и еден сад во училишниот двор на гимназијата „НОВА“.
Станува збор за придвижување на поголема организирана акција, која вклучува и собирање на габаритен отпад од домовите на жителите на Карпош. Имено, граѓаните имаат можност да го пријават својот електричен и електронски отпад (телевизори, машини за перење, бојлери и мали уреди за домаќинство), на т.н „еко – линија“ на бројот 070 236 000. Тоа можат да го сторат кај назначените координатори кои се наменски определени за урбаните заедници во Карпош, по што, екипите на „Нула Отпад“ организираат собирање на овој специјален отпад, директно од домовите на граѓаните.
Во оваа пригода директорот на „Нула Отпад“, Марјанчо Дамески, ги истакна целите на акцијата, со надеж дека вакви „еко – зони“ ќе бидат поставени на повеќе локации низ локалната самоуправа.
- Ги повикувам граѓаните да се приклучат кон оваа акција, на начин што ќе го пријават електричниот и електронскиот отпад, но, исто така можат да се ослободат од малите неисправни уреди како и батериите, фрлајќи ги во наменските садови, кои се поставени на девет локации во општина Карпош – посочи Дамески.
Инаку, со оваа еко – акција, Општината ги исполнува обврските во рамки на законските надлежности, согласно Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпад на електрична и електронска опрема. Вакви специјални садови за преземање на ситен електонски и електричен отпад како и отпад од батерии, ќе бидат поставени во сите основни училишта во општина Карпош. На повикот за соработка се приклучија и општествено одговорните компании Веро, Тинекс, Скопје Сити Мол, како и приватното средно училиште НОВА, кое се наоѓа на територија на Карпош.
Извор: Општина Карпош