Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, учествува на Првиот меѓународен форум за циркуларна економија, кој под мотото „Forward Green“ (FG Expo) од 8 до 10 Јуни се одржува во Солун, Република Грција.
Овој значаен мултидисциплинарен меѓународен настан содржи изложбен сегмент комбиниран со Форум за циркуларна економија, насловен како „Сегашноста и иднината на циркуларната економија“, и во повеќе различни панели претставува уникатна прилика на интернационално ниво да се развие дискусија за широк спектар на прашања, дилеми и визии кои се од суштинско значење за етаблирање на циркуларна економија, и истите се фокусирани на отпад, вода, обновливи извори на енергија, потоа циркуларно земјоделство, кружен туризам и еко иновации.
Учесниците на Форумот претставуваат широк опсег на засегнати страни – претставници на централната власт, регионални и локални власти од повеќе држави, потоа претставници на бизнис заедницата, академската заедница, граѓански и меѓународни организации, а заменик министерката Оџаклиеска со свој говор се обрати на панелот „Од линеарна до циркуларна економија“ на кој исто така се обратија и Петрос Варелидис, Генерален секретар за животна средина и води, при Министерството за животна средина и енергетика на Р. Грција , како и Росен Христов, министер за енергетика на Бугарија и повеќе реномирани научници и експерти од Бугарија, Грција и С. Македонија.
Во својот говор Оџаклиеска потенцираше дека за воспоставување на циркуларна економија најпрво треба да тргнеме од промена на менталната перцепција за економскиот напредок и воспоставување на сосема нов пристап кон производството, суровините, значењето на иновативните технолошки процеси и конечно управувањето со отпадот.
– Тоа го сметам за еден од најголемите приоритети. Овој процес е возможен само со градење на силни партнерства со сите засегнати страни, почнувајќи од националните и локалните власти, колективните постапувачи со отпад, потоа со бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и секако самите граѓани. Од таа причина, мислам дека ваквите комуникации кои не’ поврзуваат на национално, локално и регионално ниво се многу значајни – рече заменик министерката Оџаклиеска.
– Воедно, овој настан дава можност за споделување на драгоцени искуства, идентификување решенија и зајакнување на политичкиот, но и на научниот дијалог и соработка за остварување на заедничките заложби за суштинско и сеопфатно етаблирање на циркуларна економија, додаде таа.
Изложбата и конгресниот настан „Forward Green“ (FG Expo) е иницијатива на TIF – HELEXPO која има за цел да придонесе за имплементација на нов претприемачки менталитет, заснован на циркуларна економија, зелен развој и трансформација на деловни модели со цел да се зачуваат природните ресурси и да се придвижиме кон одржлив развој.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање