spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeСтатииЕВРОПА – ДА, ЕВРОПА – СЕГА

ЕВРОПА – ДА, ЕВРОПА – СЕГА

 

Ми претставува големо задоволство што во оваа колумна имам можност на јавноста да ѝ ја најавам третата годишна конференција на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ). СЕФФ е иницијатива на Министерството за финансии за воспоставување на платформа за дебата на јавните политики на теми релевантни за нашата земја и поширокиот регион. Оваа платформа е резултат на нашата заложба како институција за транспарентност и инклузивен дијалог со сите општествени чинители, имајќи предвид дека инклузивноста е суштинска за носење на одржливи решенија. Обединувањето и дебатата на креаторите на политиките, политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската јавност, бизнис-секторот и другите експерти, имаат за цел креирање на синергија на идеи и иницијативи за економско закрепнување и инклузивен, забрзан и зелен раст.

Во предзорите на подобро, европско утре за нашата земја, во кое пред нашите граѓани се отвораат бројни нови можности за повисок стандард, понапредни услови, сигурност и перспектива, темата на овогодинешната дискусија на конференцијата не можеше да биде ништо друго освен ЕУ. „Европа – ДА, Европа – СЕГА“, односно „Европската интеграција и економскиот просперитет“ е темата на која ќе се одвиваат дискусиите на третата годишна конференција на СЕФФ, која ќе се одржи на 15 септември. Дебатите ќе бидат поврзани со забрзувањето на европската и регионалната интеграција, унапредување на окружувањето за обезбедување економски просперитет, геополитика и политики, како и глобални трендови и можности за стопанството. На конференцијата ќе говорат високи претставници на Европската комисија, европските банки – Европската инвестициска банка, Советот на Европска развојна банка и Европската банка за обнова и развој, меѓународни финансиски институции како Светската банка и ММФ, УСАИД, претставници од владите во регионот, дипломати, бизнис сектор, академска јавност итн.

Овие денови, кога наративот за евроинтеграциите има главно политичка димензија, добро е повторно да се отвори дискусијата за сите аспекти – економски, социјални, геостратешки, за да сите ние како граѓани ја имаме целосната слика. Несомнено, во изминатите две децении се соочивме со многу премрежиња, што ја поколеба вербата кај дел од јавноста дека еден ден ќе се реализира европската агенда. Но, има изрека дека ноќта е најтемна пред зората. На пример, во случајот на Хрватска, непосредно пред пристапувањето во Унијата се забележуваше амбивалентност на јавноста во однос на евроинтегративниот процес. Лично, очекувам дека кај нас евроскептицизмот забрзано ќе се намалува во следниот период, но треба да се стигнеме до таа точка. Во оваа колумна ќе дадам свои размислувања зошто треба да се каже „ДА“ за Европа и зошто е вистинскиот момент „СЕГА“, како една увертира на мојата дискусија на СЕФФ.

 

Зошто “ДА” за Европа?

 

Европската унија, како мировен политички проект, во својата основа ја има економската унија. Од Европската заедница за јаглен и челик, па се до креирањето на монетарната унија со единствена валута, мотивите за поврзување на државите на европска почва биле главно водени од економски интереси. Секако, сите овие земји ги делат и заедничките вредности, поривот за мир, демократија, сигурност и човекови права. Сумарно, денес 27-те земји-членки претставуваат хетероген збир на култура, јазици и историја, обединети со цел обезбедување на подобри услови за живот на граѓаните.

Економистите наоѓаат непресушен извор на инспирација за истражувања, анализи, трудови, посветени на Унијата и нејзината трансформациска моќ врз општеството и економијата. Теоријата на компаративни предности, постигнувањето на економија на обем, теориите за финансиска и економска интеграција и за ендоген раст, се применливи во случајот на ЕУ. Единствениот пазар, фискалната и финансиска интеграција, институционалното поврзување и усогласувањето со европското законодавство, и севкупно, грубо кажано – симбиозата со поразвиените и понапредните, придонесува за забрзување на растот и развојот на економиите кои стануваат дел од Унијата.

Најдобро мерило за трансформациската моќ на Унијата е животниот стандард. Согласно спроведени студии и анализи на подолги временски серии на ефектот на ЕУ се проценува на дополнителни 12%-20% од БДП по жител. Ефектите од единствениот европски пазар врз трговијата и врз БДП, одредени студии ги квантифицираат на околу 10% од БДП на ЕУ во просек. Кај новите земји членки, се забележува и подобрување на климата за водење на бизнис, како и напредок во структурните реформи. Грубо, кога би сумирале придобивките би биле следните:

Трговска интеграција. Единствениот пазар е платформа за слободна трговија за членките, без царински и нецарински бариери. Како што кажав и погоре, тој стимулира специјализација, раст и конвергенција кај земјите членки. Ќе ги земам за пример, проширувањата во 2004 и 2007 година, пред кои трговијата помеѓу старите и новите земји-членки порасна речиси трикратно за помалку од 10 години и петкратно меѓу самите нови членки. Придобивките се како од аспект на поголема конкурентност на стопанството, така и од страна на граѓаните кои имаат пристап по поголем квантитет и квалитет на производи и услуги, по помали трошоци. На пример, интернет и телефонските услуги низ ЕУ имаат ист трошок, како резултат на укинувањето на роамингот. Тука вреди да се спомне и заштитата на правата на потрошувачите, која во Унијата се на високо ниво.

Економија од обем. Преку единствениот пазар од половина милијарда потрошувачи, од микроекономски аспект, многу е полесно да се постигне економија од обем, што би значело намалување на трошоците преку поголемиот обем на производството.  Исто така, ЕУ е најголемиот трговски блок во светот, најголемиот извозник на произведени стоки и услуги, како и најголемиот увозен пазар. ЕУ зафаќа околу 15% од светската трговија. Благодарение на заедничкиот настап, заедничката трговска стратегија, се етаблира високо на светската трговска сцена, додека билатералните трговски договори отвораат нови можности за фирмите од Унијата за настапи на нови пазари.

Единствена валута и слободно движење. Согласно повеќе студии, усвојувањето на заедничка валута, како и укинувањето на внатрешните граници во Унијата е во насока на понатамошно олеснување на трговијата, а со тоа и поттикнување на економскиот раст и развој на одделните економии. Преку 340 милиони граѓани на ЕУ го користат еврото, со што се заштитени од курсни разлики и девизни шпекулации, додека тоа оди во прилог и на зајакнувањето на единствениот пазар. Слободното движење се однесува како на бизнисите, кои се заштитени од ризиците на глобализацијата преку правилата на ЕУ за поддршка на малите бизниси, така и на луѓето, кои можат да се едуцираат, пактикуваат, волонтираат и работат во Унијата.

Финансиска интеграција. Европската интеграција значи и финансиска отвореност, со поголемо ниво на либерализација на капиталната сметка. Економската литература упатува и на ефектот на „прелевање“ на странските директни инвестиции, како резултат на интеграцијата, што значи нови вложувања, работни места, пренос на технологија и знаења, до развој на економијата. Проширувањето од 2004 покажува дека приливите на странски директни инвестиции од ЕУ-15 кон новите членки сочинуваа 30% од БДП од новите земји членки во следните две години (ЕК 2006).

Солидарност и заеднички фондови. Европската унија обезбедува структурни и инвестициони фондови за новите земји членки, но и развојни средства за земјите кандидати преку Претпристапните фондови (ИПА). Овие средства играат значајна улога во регионалниот рамномерен развој, развој на инфраструктурата и поттикнување на економскиот раст.

Институционална интеграција. Подобрување во владеењето на правото, политичката стабилност, регулаторниот квалитет, борбата против корупцијата, отчетноста, ефективност во јавниот сектор и услуги – ова се придобивките од транспонирањето на европската наднационална легислатива во националното законодавство. Особено е голем напредокот во претпристапниот период, кога реформската енергија дава импресивни резултати во подигнувањето на институционалните капацитети.

Некои други придобивки се интегрираниот пристап во решавање на некои суштински прашања од глобално значење, како на пример заштитата на животната околина и соочувањето со климатските промени. Исто така, меѓународната дипломатија, каде гласот на сите земји од Унијата, има значително посилен ефект и тежина во меѓународни рамки, отколку ако настапуваат поединечно. Врзано со ова е прашањето и на безбедност, како и на човекови права, кои се уредени и со наднационалното законодавство.

 

Над дваесет пати повеќе ЕУ фондови по глава на жител по влезот во ЕУ

 

Како што земјата се приближува до Унијата, така се отклучуваат повеќе фондови, достапни за користење, развојни и структурни. Членките пак, имаат на располагање фондови кои се повеќекратно повисоки во однос на кандидатите за членство. Ќе дадам една споредба помеѓу Кохезиониот фонд и ИПА претпристапните фондови на ЕУ.

Кохезиониот фонд е наменет за поддршка на земјите-членки на ЕУ, кои имаат бруто национален доход (Gross National Income) понизок од 90% од ЕУ-27 просекот. Целта на овој фонд е да ги зајакне економски помалку развиените земји-членки, а со крајна цел, економска и социјална кохезија во ЕУ. Со средствата од Кохезиониот фонд се поддржуваат проекти во областа на животната средина, како и трансевропските мрежи во областа на транспортната инфраструктура. За периодот од 2021-2027 година, земји кои се кориснички на Кохезиониот фонд се Бугарија, Чешка, Естонија, Грција, Хрватска, Кипар, Латвија, Литванија, Унгарија, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словачка и Словенија или околу 128 милиони жители на Унијата. За периодот од 2021-2027 година, преку овој фонд, на овие земји им се достапни 392 милијарди евра, или според груби пресметки околу 3.000 евра по глава на жител кај овие земји (со вкупно население од 128 милиони жители).

За истиот период на земјите кои се кандидати или потенцијални кандидати за членство во Унијата им е достапен претпристапниот фонд – ИПА III (2021-2027), во вкупен износ од 14,2 милијарди евра. Целта на овој фонд втемелен на принципот на солидарност е да ги поддржи земјите аспиранти за членство да ги имплементираат политичките, институционалните, правните, административните, социјалните и економските реформи, коишто се бараат од нив за да се ускладат со правилата, стандардите, политиките и праксите на Европската Унија, за на тој начин да се осигура понатаму нејзината стабилност, сигурност и просперитет. Според груби пресметки, со ИПА III се обезбедуваат по околу 140 евра по глава на жител за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција (со вкупно население од 103 милиони жители).

Сумарно, разликата од чекалната на ЕУ – до внатре во Унијата е 2.868 евра по глава на жител, односно 21,8 пати повеќе (3.006/138=21,8). Тоа значи, дека според грубите пресметки, членството во Унијата ќе донесе дополнителни 2.868 евра по глава на секој жител во земјава, односно дополнителни 5,2 милијарди евра за пет години, што е на исто ниво колку што колку што е буџетот на нашата земја за 2023 година. Ова се средства со кои ќе можеме да имаме подобра инфраструктура, подобри услови за живот, повеќе средства за работа на нашите претпријатија и подобар животен стандард за нашите работници. Ќе напомнам дека ова е само груба пресметка, додека придобивките од членството се многукратно поголеми и на повеќе фронтови, како што пишав и погоре. Се разбира, постојат и трошоци поврзани со адаптацијата на производството и почитувањето на ригорозните еколошки стандарди, кои и онака неминовно мора да се спроведуваат во насока на зголемена конкурентност и отпорност на нашето стопанство, кое сака да се интегрира во европскиот и глобалниот синџир на создавање вредност.

Во една од минатите колумни посветени на ЕУ (ќе нагласам уште еднаш и како вицепремиер за европски прашања и како министер за финансии, ЕУ е моја постојана инспирација за анализи и осврти), пишував за буџетот на ЕУ, кој за периодот 2021-2027 година е проценет на околу 2.000 милијарди евра, средства насочени кон поддршка на областите: Климатска и дигитална интеграција; Заеднички пазар и иновации; Кохезија, отпорност и заеднички вредности; Природни ресурси и околина; Миграција и управување со граничниот простор; Соседство и свет и Европска јавна администрација. Ова е само во насока читателската публика да добие поширока претстава за сите фондови кои стојат на располагање и за кандидатите, но многу повеќе за членките на ЕУ.

 

Зошто Европа „СЕГА“?

 

По започнувањето на војната во Украина, се повеќе се нагласува дека сега е вистинскиот момент за проширување на Европа, како и дека сега е вистинското време за Западен Балкан за приближување и интеграција кон Унијата. Со приближување на изборите за Европскиот Парламент, кои треба да се одржат во 2024 година, се поверојатно е дека понатамошното проширување ќе се најде високо на агендата. Се поприсутни се изјавите и оние кои се заложуваат за понатамошни интеграции и проширувања на Унијата.

Пред околу еден месец претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лeјен, го објави новиот план за доближување на земјите од Западен Балкан до Европската Унија и нивна економска поддршка. И овој план може да се сфати како подадена рака кон Западен Балкан. Како што посочи претседателката, новиот пристап на ЕУ не е само да бара од партнерите да направат чекор кон ЕУ, туку и ЕУ да направи голем исчекор кон нив, а заедничка цел е забрзување на процесот. Не треба многу да се чита меѓу редови за оваа јасна порака која Фон дер Лeјен ја упати до лидерите, но и граѓаните. Ова е навистина голема можност, која треба да се искористи и охрабрувачка порака, особено во еден специфичен период кога оптимизмот за влез во ЕУ варира.

По неколкуте глобални економски кризи со кои се соочивме во изминатите три години, ова се добри вести, кои треба да знаеме да ги препознаеме и искористиме. Пред се да го фатиме историскиот момент и максимално да го искористиме за спроведување на потребните реформи и како што често кажувам, да ја донесеме „Европа дома“ уште пред да станеме членка на ЕУ. Второ, да ги поставиме пред нас сите предности и предизвици и да донесеме рационална одлука, која ќе биде во корист на нашите граѓани, нивната сегашност и нивната иднина во земјава, а не надвор од неа.

Се надевам дека дадов одговор зошто „ДА“ и зошто „СЕГА“ ЕУ. Дебата е отворена и ве очекувам да дискутираме и заедно да ја донесеме најдобрата одлука за нас и за нашите деца, внуци, за подобро денес и уште подобро утре, за сите нас, тука, како дел од Европа, на која и припаѓаме.

 

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

АФПЗРР: Соопштение за исплата на органско производство за 2023 година

0
 Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес изврши исплата кон 811 лица со вкупен износ 61.219.350,00 денари за мерката Органско производство за 2023 година. Корисници...