spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeСтатииИЗГУБЕНИ ВО ХАРТИИ И ПЕЧАТИ

ИЗГУБЕНИ ВО ХАРТИИ И ПЕЧАТИ

 

Инспириран од насловот на култниот филм „Изгубени во преводот“ на Софија Копола со Бил Мареј и Скарлет Јохансон, не можам да побегнам од чувството дека корисниците на услугите на јавната администрација се изгубени во хартии и печати. Три копии од документот, две заверки од нотар, потврда од Централен регистар и чекање со денови за наједоноставни постапки. Многу слично како што филмот ги истражува темите на отуѓување и исклучување базирано на културните разлики, многу е видливо отуѓувањето кое бирократскиот систем го има од дигиталната реалност во која живееме. И ова не е критика на вработените во таа јавна администрација, кои како по правило, се сметаат за едни од најголемите виновници за нефункционирањето на системот во Македонија. Многу повеќе е критика за менаџерите во јавната администрација. Затоа што, со истата брзина со која дигиталните иновации одат напред, процедурите во Македонија се враќаат назад. И за тоа постојат секојдневни примери. Дигиталните услуги од Катастарот за недвижности, повеќе не се признати доколку истите не се заверени на нотар. Дигиталното пријавување на Универзитет, задолжително мора да биде проследено со хартиени пријави во неколку копии. Дигиталниот систем на Градот за следење предмети и електронско аплицирање на програми повеќе не е функционален. Наместо еден дигитален идентитет, во Македонија постојат неколку – еден на Централен регистар, еден на е-Услуги, еден за некои видови данок, а друг – за други видови данок и годишна даночна пријава. Да не зборувам за идентитетите за плаќање локални даноци, такси и комунални услуги. Повторно стана пракса – молк на администрацијата. Стотици предмети се „заглавени“ во фиоки, а правилото дека молчењето по 30 денови станува одобрување, повеќе не важи. Не престанува чувството дека пред десет години, во 2014 година, бевме понапред отколку што сме денес. И дилемата е, дали наместо во еволуција, нашиот бирократски систем нѐ однесе во деволуција. Барем од јавното мислење, ова е секако така. Решението е најверојатно едноставно за кажување, но очигледно сложено за реализација. Целосна дигитализација на сите услуги од јавната администрација. Надополнето со силна, посветена обука, тренинг и мотивација за вработените и корисниците. Систем кој функционира насекаде и за сите. Овие процеси неминовно ќе доведат до рационализација на ресурсите кои безмилосно се трошат во процедурите во јавната администрација. Електронските потписи ќе ги заменат печатите и заверките. Електронското водење предмети ќе ги замени илјадниците фотокопии и класери. Дигиталниот идентитет ќе ги замени трите фотокопии од лична карта кои мораме да ги доставуваме каде и да одиме. Вработените и корисниците ќе мора да учат нови вештини постојано. Тоа дигитализацијата го бара од сите нас. Како што ќе каже еден од најпознатите теоретичари на дигитализацијата, онаа вештина која никогаш нема да изумре е вештината да се учи одново и одново. Сите други вештини се надминати. Свесен сум дека овие дилеми создаваат страв и неизвесност кај многу од нас. Но, овој свет е веќе тука и нема да чека на нас да се прилагодиме на него. Естонија беше прва која ова го препозна и целосно се дигитализира уште пред 20 години. Полска, Словенија, Малта, Данска, Шведска го прават ова со брзина на светлината. Како мала држава, со одлична мрежа поставена уште пред 10 години, ние го имаме потенцијалот да го направиме истото.

 

 

Стефан Андоновски,

Магистер по меѓународни односи

 

 

 

 

Извор: Javnaadministracija.mk

Прочитајте

АФПЗРР: Соопштение за исплата на органско производство за 2023 година

0
 Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес изврши исплата кон 811 лица со вкупен износ 61.219.350,00 денари за мерката Органско производство за 2023 година. Корисници...