Инклузивноста е важен чекор во остварување на правата за образованието. Во таа насока, во ОУ „Св. Климент Охридски“ беа предадени во употреба смарт табли и асистивна технологија, која ќе биде од големо значење за сите ученици, како и за учениците со одредени попречености.
„Нема ништо поважно од вложувањето во училиштата и образовните институции, каде што е развојот на нашата иднина. Вложувањето не подразбира само инфраструктурни зафати во објектите, туку и во човечките ресурси и нагледните средства кои што се и тоа како важни во севкупниот наставен процес. Денес сме сведоци на уште еден проект „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“, во кој што Општина Битола го има својот удел во спроведувањето на целокупната постапка на донесување одлука во Светот, како и со понатамошната имплементација и поддршка. Станува збор за нагледни средства кои што со визуелизацијата им даваат можност на учениците многу полесно да ги совладуваат наставните содржини. Многу работи се променети во образовните институции, длабоки промени се направени, а сакам и како човек и како градоначалник следната година да ја почнеме со физичко присуство на учениците, бидејќи физичкото присуство е важно за нивниот развој. Инклузивните политики се присутни во секое училиште во градот, затоа што политиките на МОН, но и на наставниот кадар,се свесни што значи инклузивноста и што значи соживотот на сите категории ученици, затоа што ние сме богати токму заради различностите“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Елена Мишиќ, раководител на проектниот тим на проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“, го објасни значењето и целта на проектот.
„Главна активност на проектот е обезбедување на 450 стипендии за ученици од пониските одделенија и оние кои се запишуваат во прво одделение можат да аплицираат за стипендија на програмата „Чекор по чекор“, во траење од две години. Покрај стипендиите, проектот предвидува и поддршка на училиштата во подобрување на наставните практики за полесно инклудирање на деца со попреченост“, истакна Мишиќ. Во оваа донација се вклучи и НЛБ Банка.
ОУ „Св. Климент Охридски“ има 15 ученици кои што работат по индивидуален образовен план, а од нив две ученички се стипендисти на фондацијата „Чекор по чекор“,посочи директорката Гордана Анастасова, а специјалниот едукатор и рехабилитатор во училиштето Андријана Шокларовска, нагласи е посебно горда, затоа што изминатите 10 години ова училиште има секаква опрема и им нуди на учениците со попречености можност за следење на редовна настава.
Извор: Општина Битола