Во изминатите неколку месеци МОН спроведе обемен процес за унапредување на квалитетот на средното стручно образование и за доближување на предностите и можностите кои овој тип на образование ги нуди, до учениците кои се запишуваа во средно образование во новата учебна година и до оние кои допрва треба да донесат исправна одлука за насоката во која ќе се едуцираат. Во дијалог со коморите на бизнис заедницата, со општините и училиштата, а со голема поддршка од Швајцарската амбасада преку „Учи паметно, работи стручно“ успеавме да ги оствариме целите кои ги имавме поставено. Основавме многу дуални паралелки за поквалитетна настава и повеќе ученици во средните стручни училишта.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на средното училиште „Гоце Делчев“ во Валандово, каде годинава бројот на ученици запишани во некоја од понудените струки согласно конкурсот за уписи е зголемен, за сметка на бројот на ученици кои одбрале гимназиско образование.
„Ме радуваат резултатите кои ги постигнавме во ова училиште, но и во многу други во различни општини каде тоа што го работевме и се посветивме максимално, го даде очекуваниот ефект. Во СОУ „Гоце Делчев“ отворивме две дуални паралелки, една со забни техничари и една за машински техничари за компјутерско управување, а има и трета паралелка од земјоделска насока која и покрај тоа што не е дуална ќе функционира како таква, бидејќи во меѓувреме е обезбедена компанија со која училиштето ќе соработува за реализација на практичната настава“, информираше Царовска, додавајќи дека во училиштето се запишани вкупно 56 ученици во прва година, од кои 38 во стручно и 18 во гимназиско образование.
Министерката сподели податок дека во новата учебна година на ниво на држава, бројот на дуални паралелки е зголемен на вкупно 97, за разлика од минатата учебна година кога имаше само 11 вакви паралелки во чија реализација на наставата учествуваат компании. Рече и дека во средното стручно образование годинава се запишани 1.384 ученици повеќе во споредба со лани, што значи бројот на ученици во стручните училишта е зголемен за 6%.
„Овие податоци ни се доволен аргумент да кажеме дека младите почнаа да ја препознаваат потребата, но и бенефитите коишто им ги нуди средната стручна подготовка. Свесни се дека веднаш по завршувањето на стручното образование ќе бидат подобро подготвени и ќе имаат поголеми можности за брзо вработување, бидејќи компаниите сé повеќе бараат квалификуван стручен кадар. Секако, имаат и добра основа за продолжување во високо образование на некој од техничките факултети“, рече Царовска, додавајќи дека очекува свеста за важноста на стручното образование уште повеќе да се развие и кај идните генерации полуматуранти.
Министерката истакна дека овие резултати се плод на дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ преку кој годинава за прв пат се креираше уписна политика што им одговара и со учество на сите засегнати страни, со крајна цел намалување на младинската невработеност во државата.
„Ги прашавме компаниите каков тип на кадар им е потребен и ги вклучивме во отворањето на дуалните паралелки, односно во реализацијата на практичната обука на учениците. Паралелно, заедно со општините ги подобривме условите за учење во стручните училишта, а исто така значително ја променивме и политиката на стипендирање средношколци со тоа што воведовме дури 2.200 стипендии за ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки, со месечен надомест од 3.500 денари“, рече Царовска.
Унапредувањето и промоцијата на средното стручно образование продолжува да биде еден од врвните приоритети на Министерството за образование и наука и во наредниот период. Политиките за отворање на нови работни места со солидни примања, наложуваат сé поголема потреба од стручен кадар и тој државата мора да го обезбеди.
Извор: Влада