Вчера во Скопје се одржа петтиот состанок на Меѓувладината мешовита комисија за заштита на националните малцинства меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска. Копретседавачите на состанокот, заменик министерката за надворешни работи на Северна Македонија, Фатмире Исаки и Звонко Милас, државен секретар во Државниот уред за Хрватите надвор од Хрватска го поздравија конструктивниот пристап на двете страни за заштита на националните малцинства.
“Заклучивме дека двете страни придонесуваат во развојот и подобрувањето на соработката во оваа сфера, свесни за значењето на зачувувањето и промоцијата на јазичната и културна разноликост во секоја од државите. Како и на претходните средби, и на денешната, разговорите се одвиваа во духот на пријателство и взаемно уважување, што е резултат на фактот што и Северна Македонија и Хрватска имаат многу позитивен однос кон малцинските прашања” истакна Исаки.
“На петтиот состанок во Скопје, направивме работи, за кои сме сигурни дека ќе придонесат за подобро секојдневие на Хрватите во Република Северна Македонија, која се докажува преку взаемната високо-мотивирана желба. Записникот го усогласивме многу брзо. Се усогласивме за се што може да придонесе за потребите на нашите граѓани”, рече Милас.
Во рамките на денешниот состанок се потпиша договор за соработка меѓу националните телевизии на Северна Македонија и Хрватска- МРТВ и ХРТ.