Со потпишување на Договор за кофинансирање на ИПА проектот за енергетска ефикасност на образовни установи, во општина Чаир ќе бидат поставени фотоволтаици на три основни училишта и на една детска градинка.
Договорот го потпишаа министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу.
Вкупната вредност на проектот е 423.000 евра за Северна Македонија и за Косово, од кои 353.000 евра се од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Косово. Педесет насто од овие средства се за општина Чаир, а кофинансирањето од 15% го обезбедува Министерството за локална самоуправа.
-За поздравување е иницијативата на општина Чаир со овие средства да реализира проект кој што ќе и донесе заштеди на електрична енергија на општината. Со поставување на фотоволтаици на основните училишта и на една градинка, со користење на обновливи извори на енергија, општина Чаир ќе обезбеди максимална енергетска ефикасност со минимум загадување на животната средина, рече Пенов.
Тој посочи дека овој проект се финансира со средства од Европската Унија преку програмата за прекугранична соработка на Северна Македонија со Косово, но кофинансирањето во износ од 15% го обезбедува Министерството за локална самоуправа, како поддршка на општините и на другите апликанти за поголема апсорпција на средствата од ИПА Програмата за прекугранична соработка.
– Министерството за локална самоуправа преку Програмите за прекугранична соработка и преку буџетските програми, заедно со Бирото за регионален развој, финансиски ги поддржува проектите за развој на општините, особено проектите кои што се иновативни, кои што ги подобруваат услугите за граѓаните со користење на современи решенија.