Денеска во просториите на Домот на култура во oпштина Илинден се одржа првата панел дискусија во организација на Локалниот Младиснки совет на Општина Илинден на тема „Младинско учество во процесот на носење одлуки во Парламентот и општините“.

Панелисти на настанот беа пратениците Моника Зајкова, Марија Петрушевска, Јован Јаулески и Бојан Стојаноски кои воедно се и членови на Клубот на младински прашања и политики на Собранието на Република Македонија и советникот во Советот на Општина Илинден Драгана Бојковска. Настанот го модерираше претседателот на ЛМС на  Општина Илинден Драган Ѓуровски, а исто така и свое обраќање имаше и Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски.

Градоначалникот Георгиевски, меѓу другото ја поздрави идејата за одржувањето на оваа панел дискусија и истакна дека Општина Илинден во изминатиот период успешно реализираше многу проекти преку кои ги поддржува младите.

Моника Зајкова како координатор на Клубот на младински прашања и политики на Собранието на Република Македонија истакна дека истиот е партнер на младите луѓе и ќе биде еден од моторите кои ќе ја врати довербата на младите луѓе во институциите. Исто така клубот е постојано отворен за предлози, сугестии и средби со младите и младинските организации за креирање на законски решенија, со цел подобрување на квалитетот на животот на младиот човек.

Во своето обраќање пратеничката, Марија Петрушевска истакна дека јавните расправи имаат за цел инкорпорирање на законски решенија и амандмани како што беше и предлог законот за средношколско организирање. Испрати порака до младите да се вклучат во процесите и да ги инспирираат сите млади околу нив да го направат истото.

Јован Јаулески зборуваше за проблемите со иселувањето на високо квалификуван младински кадар како и со екстремно малата вклученост на младите во процесот на носење одлуки, бидејќи младите немале простор. Едно такво решение на овој проблем нуди законот за младинско учество и политики.

Бојан Стојаноски истакна дека со актуелните политкити младите немаат доволно простор за истакнување на проблемите и имплементирање на стратегиите и политиките во буџетот. Потребно е младите храбро и активно да се вклучат во процесите, а не да бидат пасивни набљудувачи. Општеството треба да биде мотивирано да создава млади и успешни кадри.

Драгана Бојковска истакна дека младите во општините можат да учествуваат во процесите на носење на одлуките преку локалните младински совети кои се претставници и двигатели за иницирање на младински политики. Но, друг начин е и непосредна комуникација на членовите на советите на општините со младите, бидејќи тие се гласот на народот, но и гласот до народот. Важно е и навремено информирање на младите од општинската администрација за проектите, активностите и поддршката на младите во општините.

Активно учество во панел дискусијата земаа и дел од учесниците со прашања до панелистите. Цел на ваквите панел дискусии е да се води отворен дијалог јавно да се зборува за интересите кои ги засегаат младите. Преку заеднички дебати и дискусии младите ги истакнуваат нивните интереси, ставови, но и ги осознаваат начините како истото да го направат.

Ова е само прв од многу вакви слични настани кои ќе ги организира ЛМС на Општина Илинден во соработка со сите млади од општината.