Олег Стефановски е полуматурант во основното училиште ”Браќа Миладиновци” во Скопје, кој својата иднина ја гледа работејќи во областа на информатичко – комуникациските технологии, како 3Д дизајнер на игри. Средното образование ќе го продолжи во училиште акредитирано за работа по ИБ програма, додека високото на некој од факултетите кои нудат студиски програми од областа на информатичко – комуникациските технологии.
Средба со него имаше министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој му посака успех во остварувањето на личните и професионални планови и цели, потенцирајќи дека институциите на системот се заложуваат да ја зајакнат поддршката за образование и вработување на младите.
„Олег е талентиран ученик кој знае која област на учење и работа, може да му овозможи добра иднина. Сака да биде програмер, односно одбира една од најперспективните професии. Се разбира освен во ИТ секторот, квалификуван кадар недостига во речиси сите други струки и затоа, мојот апел до младите е при изборот на образование, без разлика дали е средно или академско, да се водат од податоците за тоа што е потребно на пазарот на трудот. Тоа е основен предуслов за понатамошен успех“, рече Шаќири по средбата.
Министерот информира дека во конкурсот за упис во средно образование во учебната 2023/2024 година се предвидени 259 дуални паралелки со вкупно 6.475 ученички места, а наставата ќе се реализира во соработка со над 500 компании, додека консултациите за конкурсот за упис во високо образование се во тек и таму, исто така предност за повеќе слободи места ќе се даде на техничките факултети.