spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Јакимовски - Набавуваме техничка опрема од 90.000 евра за уште повеќе...

Карпош: Јакимовски – Набавуваме техничка опрема од 90.000 евра за уште повеќе да ја зголемиме ефикасноста во одржување на хигиената

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски најави набавка на нова техничка опрема со која дополнително ќе се зголеми квалитетот на одржување на зеленилото и хигиената во општината. Јакимовски нагласи дека ефикасноста во одржувањето на хигиената во Карпош е во голема мера подобрена во однос на претходната година благодарение на ангажманот на вработените и покрај тоа што беше намален бројот на работници од 130 на 90.

„Сакаме да ја зголемиме ефикасноста уште повеќе, па за таа цел издвоивме од буџетот 5,5 милиони денари, тоа е некаде околу 90 илјади евра за да набавиме нови тримери, нови смукалки и дувалки, тракторски косилки, пили за сечење дрва, телескопи за сечење гранки бидејќи многу граѓани го бараат тоа од нас и ќе набавиме три возила на електричен погон со кои ќе се одржува хигиената по улиците. Со ова очекувам уште повеќе да се подобри хигиената на територија на општина Карпош. Со воведување на повеќе техника сметаме дека и ефикасноста ќе биде уште поголема“, изјави на денешната прес конференција градоначалникот Јакимовски.

На новинарско прашање во врска со пресудата на Уставен суд за ДУП-от кај базенот „Борис Трајковски“ градоначалникот Јакимовски одговори:

„За нас одлуката на Уставен суд е скандалозна. Се уште не сме ја добиле. Договорени сме со правобранителот да ја проучиме пресудата и потоа да свикаме прес конференција. Ќе ги искористиме сите правни лекови затоа што сметаме дека одлуката е тенденциозна и дека Уставниот суд се впуштил во нешто што не е негова надлежност. Од тие причини сакаме да ја добиеме да ја изанализираме и потоа ќе го кажеме нашето мислење. Во исто време морам да кажам дека исто така имаме една скандалозна пресуда за оној дел кај базенот Борис Трајковски, односно улицата која проаѓа покрај базенот кон лизагалиштето. За експропријација на таа улица и за улици кои што не се направени и за улици за кои што немаме ДУП, Основниот суд има пресудено општина Карпош да плати 2 милиони евра и 3 милиони евра Градот Скопје. Замислите, 5 милиони евра за улици кои не постојат. А куриозитетот да биде уште поголем тоа земјиште го има купено сопственикот 10,5 милиони евра. Значи за улици кои не се изградени, ниту постојат во ДУП, заедно со Градот треба да дадеме 5 милиони евра, а целото земјиште е купено 10,5 милиони евра. Искрен да бидам, се прашувам, каде овие луѓе полагале правосудни испити? Како воопшто седат на тие столици и како не им се затресува раката кога носат такви пресуди?“, рече Јакимовски.

На дополнително прашање дали ќе се обжали пресудата, градоначалникот одговори:

„Пресудата е веќе обжалена. Мислам дека поединци во судот, бидејќи им е страв такви пресуди да носат кон државата затоа што знаат дека ќе имаат последици, локалната самоуправа ја сметаат за шведска маса и можат да си носат пресуди какви сакаат“, објасни Јакимовски.

 

 

Извор: Општина Карпош 

Прочитајте