Ахмад Магомедов успешно го заврши настапот во категоријата до 79 килограми на Европското првенство во борење слободен стил и донесе бронзен медал за Македонија.
Ова е најголем успех досега на нашите претставници, а Магомедов до него дојде откако во последната борба за бронза го победи Арман Авагјан од Ерменија на Европскиот шампионат кој се одржа во Загреб.
Агенцијата за млади и спорт организираше прием за Могамедов, кој заедно со целиот стручен штаб и претставниците на Боречката федерација ги споделија искуствата со директорот Наумче Мојсовски.
-Секој освоен медал, секое спортско остварување не прави горди, без разлика дали станува збор за натурализиран спортист, од причина што истиот настапува во македонскиот дрес и ја претставува нашата држава, истакна Мојсовски.
На приемот се дебатираше и за настапот на другите репрезентативци на ЕП во Загреб, но и за следните настапи како: Балканското првенство за пионери и кадети закажано за Мај 2023, Светското јуниорско во Септември, како и за целокупните очекување на сениорскиот тим, кој е во одлична форма и од кој претседателот на БФРСМ Дејан Богданов во иднина очекува врвни резултати, меѓу кои и остварување на олимписки норми.
Извор: Агенција за млади и спорт