spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Отворено 13 Балканско првенство во Кендо

Карпош: Отворено 13 Балканско првенство во Кендо

Со поддршка од Општина Карпош, во организација на Македонската Кендо – Иаидо Федерација, викендов во спортскиот центар „Форца“ започна Балканскиот Кендо Куп за јуниори, сениори и ветерани, кој се одржува по тринаесетти пат. Во нашата земја, оваа мечувалска боречка полуконтактна вештина се практикува од 2006 година, а Македонија е домаќин на едно вакво првенство по трет пат.

 

Покрај љубителите на оваа древна јапонска вештина, на настанот присуствуваше и амбасадорот на Јапонија во нашата земја, господинот Казуја Отсука, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, како и претседателот на Комисијата за спорт при Советот на локалната самоуправа, Давор Грче.

  • Ми претставува особно задоволство што сите вие денеска сте гости, токму во нашата општина. Ова натпреварување е помогнато исто така од локална самоуправа од Карпош и многу ми е драго што ја негувате оваа древна вештина. Јас како поранешен шампион на Македонија и СФР Југославија во карате, но и како ваш „домаќин“ ви посакувам успешно спортско натпреварување и оттука да понесете само добри впечатоци и спомени – посочи првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

 

На овој голем спортски настан учествуваат над 160 кендо-борци од вкупно 11 земји од соседството и поширокиот регион, поточно од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Романија, Црна Гора, Турција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, како и гостите од Малта. Инаку, Општина Карпош како покровител, го поддржува овој настан со финансиски средства во висина од 30.000 денари, кои ги обезбеди преку Програмата за спорт на Одделението за култура и спорт при локалната самоуправа.

Инаку, борбите истовремено се одржуваат на неколку борилишта (шиаи), кои пак се поделени во индивидуални и тимски категории. Притоа, се натпреваруваат јуниори на возраст од 9-18 години, потоа жени и мажи над 18 години, како и ветерани над 40 годишна возраст. Интересно е тоа што покрај борбите, учесниците имаат можност и да полагаат за прв, втор и трет степен (дан), како и од 7 (седми) до 1 (први) степен (кју).

 

Вештината Кендо којашто е родена во „земјата на изгрејсонцето“ и во својот организиран облик датира уште од 800 година, подразбира ракување со меч, односно мечување според правила кои се создадени во Јапонија. Притоа, кендото се смета за уметност на мечувањето, а неговите ученици се нарекуваат Кендоки. Оваа вештина е популарна во целиот свет, а борбите се одвиваат со shinai или поточно, мечеви од бамбус и заштитен оклоп. Кендо или „патот на мечот“ е еден од неколкуте форми на јапонско мечување кое го практикуваат околу 9 милиони луѓе ширум светот.

 

 

 

 

Извор: Општина Карпош

Прочитајте

Јегуновце: Работна посета низ повеќе населени места

0
Градоначалникот на општина Јегуновце беше на работна посета низ повеќе населени места во општина Јегуновце каде направив увид на започнати проекти: Во завршна фаза е...