spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниЦентар: Јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни...

Центар: Јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и постојни лифтови во станбени згради

Врз основа на Програмата за комунални дејности на Општина Центар-Скопје за 2023 година, ставка ГДО – Субвенции за замена на покриви и поправка на лифтови, под бр. 08-6251/14 од 28.12.2022 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр. 17/22), донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, Општина Центар-Скопје објавува

 

ЈАВЕН ПОВИК

за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и постојни лифтови во станбени згради на подрачјето

на Општина Центар-Скопје

 

  1. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

1.1. Предмет на Јавниот повик е пријавување на заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од управител на станбени згради или од заедница на сопственици од подрачјето на Општина Центар-Скопје за реконструкција на постојни кровни конструкции и поправка и санација на лифтови во нивните станбени згради.

1.2. Јавниот повик се однесува на: финансиска поддршка за поправка на лифт за кој со технички преглед, извршен од овластено акредитирано независно правно лице, е утврдено дека е технички неисправен и/или за модернизација на лифтови и нивно усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постојните лифтови во согласност со Законот за техничка инспекција и Правилникот за користење лифтови и транспортери. Финансиската поддршка за реконструкција на покриви и кровни покривки е насочена кон замена на постојните азбестни салонитни покривки со еколошки на колективни станбени објекти и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси под услови што се наведени во Јавниот повик.

1.3. Проектот се поддржува со финансиски средства од Буџетот на Општина Центар-Скопје, Програма ГДО, во висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000,00 денари, за реконструкција на постојни кровни конструкции и висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 300.000,00 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација, поднесена од заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од управител на станбени згради или од заедница на сопственици. Сопствениците на посебни делови треба да ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 % од вкупниот износ од вредноста за реконструкција на постојни кровни конструкции и поправка и санација на лифтови.

1.4. Јавниот повик се реализира, односно селекцијата се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Предуслов за исплата на средствата од Општина Центар-Скопје е потпишан договор (од двете договорни страни и архивски заверен) со избрана фирма од заедницата на станари или од управителот и уплатен аванс (минимален износ од 50 % од вредноста на договорот) во избраната фирма (со прилог тековна состојба од избраната фирма изведувач). По приложувањето на овие документи во Општина Центар, Општината ги префрла своите средства, како финансиска поддршка, на сметка на заедницата или на управителот на зградата.

По извршената исплата на средствата од Општина Центар-Скопје, претседателот на заедницата или управителот на зградата се задолжува во рок од шест (6) месеци да достави изјава дека е извршена реализација на договорот. Изјавата, дадена под морална, кривична и материјална одговорност, треба да е заверена на нотар и во неа да биде наведено дека работите целосно се реализирани во согласност со потпишаниот договор и дека средствата од финансиската поддршка од Општина Центар-Скопје се целосно искористени за конкретната намена за која се доделени.

 

  1. ПРАВО НА УЧЕСТВО ВО ЈАВНИОТ ПОВИК

 

Право на учество во Јавниот повик имаат заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради од подрачјето на Општина Центар-Скопје што ги исполнуваат следниве услови:

  • Доколку станува збор за реконструкција на постојни кровни конструкции, тие треба да бидат оштетени, а во однос на поправката и санацијата на лифтови, постојните лифтови треба да бидат неисправни;
  • Сопствениците на станови треба да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбена зграда;
  • Најмалку 70 % од становите во зградата (односно влез) да се користат (населени) во текот на цела година (вклучително и најмени станови).

Право на учество во Јавниот повик имаат сите влезови поединечно, но треба да имаат регистрирано заедница на сопственици или избрано управител на станбена зграда.

 

При рангирањето на колективните станбени згради, кои ги исполнуваат наведените услови, како критериум е предвидено и целосна и навреме доставена документација.

 

  1. НАЧИН НА ПОДНЕСУВАЊЕ ПРИЈАВА

 

3.1. Заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради поднесуваат пријава на пропишан образец што може да се добие во Архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6 или да се извади од веб-страницата на Општина Центар-Скопје www.centar.gov.mk.

 

3.2. Со пријавата се доставува следнава документација:

 

ОПШТИ ДОКУМЕНТИ ЗА ДВЕТЕ КАТЕГОРИИ

  • Одлука донесена од станарите за избор на претседател на заедницата на сопственици на станови или договор за управувачки услуги (доколку управувањето со станбената зграда му е доверено на управител);
  • Станбените згради за колективно домување да се постари од 15 години (доказ за старост на колективниот станбен објект се потврдува со изјава заверена на нотар и документ за движење на имот за објектот издаден од надлежна институција, поднесен од управител или од претседател на заедница на сопственици).
  • Копија од жиро-сметката на заедницата на сопственици, односно копија од жиро-сметката што ја отворил управителот за потребите на станбената зграда;
  • Понуда од економски оператор со детален опис по позиции;
  • Одлука од мнозинството сопственици да се обезбедат 70 % од потребните средства за реконструкција на постојните кровни конструкции и поправка и санација на лифтовите во нивните станбени згради согласно членовите 35, 36, 37 и 39 од Законот за домување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 99/09; 57/10; 36/11; 54/11; 13/12; 55/13; 163/13; 42/14; 199/14; 146/15; 31/16 и 64/18);
  • Потписи за согласност од 50 % сопственици плус еден сопственик (во прилог кон одлуката да се достави список со потписи од 50 % сопственици плус еден сопственик) од сите сопственици, со кои сопствениците даваат согласност за учество со 70 % сопствени средства во вкупниот износ од потребните средства за реконструкција на постојните кровни конструкции и поправка и санација на лифтови во нивните станбени згради.
  • Одлуката се смета за донесена доколку своерачно ја потпишале 50 % сопственици плус еден сопственик од вкупниот број сопственици на посебни делови во колективниот станбен објект.
  • Одлуката се доставува во оригинален примерок или како копија заверена на нотар.
  • Изјава од подносителот, управител или претседател на заедница на сопственици, дадена под целосна материјална и кривична одговорност, со која се потврдува дека секој сопственик на стан во објектот што е наведен како потписник во листата со потписи, односно согласности бил идентификуван лично од управителот или од претседателот на заедницата на сопственици и своерачно ја потпишал согласноста за финансиско учество за потребите на Јавниот повик. Изјавата да биде заверена на нотар.
  • Тековна состојба од Централен регистар на Република Македонија не постара од шест (6) месеци;
  • Изјава од управител или од претседател од заедница на сопственици на станови за бројот на станови што се населени во текот на цела година.

 

ЗА ЛИФТОВИ

 

  • Годишен договор за редовно одржување и сервисирање на лифтот склучен со правно лице;
  • Технички извештај од периодичен технички преглед за состојбата на лифтот, изработен од независно правно лице, со кој се потврдува неговата техничка неисправност и чекори што треба да се преземат за усогласување на состојбата на лифтот со важечките стандарди.

 

ЗА ПОКРИВИ

  • Изјава од претседателот на заедницата на сопственици на станови или од управителот (доколку работите на управувањето со станбената зграда му се доверени на управител) за степенот на оштетеност или за моментната состојба на покривот и кровната покривка.

 

  1. РОК, АДРЕСА И НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРИЈАВАТА

 

4.1. Пријавите со целосна документација може да се достават во период од

8 мај 2023 година до 8 јуни 2023  година.

 

4.2. Пријавата и другата документација се доставуваат во затворен плик во Архивата на Општина Центар-Скопје, во барака 6, до Сектор за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина, секој работен ден во период од 9:00 до 15:00 часот или по пошта на адреса ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, Скопје.

 

4.3. На пликот треба да е наведено „Јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и постојни лифтови во станбени згради на подрачјето на Општина Центар-Скопје“.

 

4.4. Архивата на Општина Центар-Скопје ќе ги евидентира примените барања со точно време на поднесување (датум, час и минута) заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.

 

4.5. Нема да се разгледуваат пријавите со нецелосна документација или пријавите доставени по истекот на предвидениот рок.

НАПОМЕНА: Јавниот повик се однесува на:

  • Финансиска поддршка за поправка на лифт за кој независно правно тело дало мислење дека е технички неисправен и за негова модернизација и усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста.
  • Финансиската поддршка за реконструкција на покриви и кровни покривки е насочена кон замена на постојните азбестни салонитни покривки со еколошки на колективни станбени објекти и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси под услови што се наведени во Јавниот повик.

Напомена: Во случај кога е неопходен или се планира поголем зафат, т.е. реконструкција на кровна површина (при што се прави измена и се додава поголема кровна површина), треба да се почитуваат одредбите од Законот за градење и условите од урбанистичката планска документација.

 

 

Пријава

 

 

 

Извор: Општина Центар

Прочитајте

Јегуновце: Работна посета низ повеќе населени места

0
Градоначалникот на општина Јегуновце беше на работна посета низ повеќе населени места во општина Јегуновце каде направив увид на започнати проекти: Во завршна фаза е...