spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Преку превенција до подобрување на безбедноста

Карпош: Преку превенција до подобрување на безбедноста

Реформираниот Локален совет за превенција (ЛСП) на Општина Карпош со кој раководи градоначалникот Стевчо Јакимовски, денеска ја одржа својата прва (конститутивна) седница во просториите на Кинотеката на РСМ, во чии рамки расправаше по точките кои се најдоа на Дневниот ред. Покрај првиот човек на Општината, на седницата присуствуваа и Јавниот обвинител Александар Маркоски, претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, советниците Добрила Андоновска,Татјана Стојановска и Роберт Вељановски, како и претставници од полициската станица Карпош, од Министерството за здравство, Министерството за образование, од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, од општинската администрација и директорките на основните училишта и градинките на територија на Карпош.

Со воведен говор, присутните ги поздрави градоначалникот Јакимовски кој истакна дека ова тело е добро да се води во интерес на подигнување на безбедноста на карпошани.

 

  • За да бидам поконкретен, ќе ви посочам дека од аспект на безбедноста, нашата локална самоуправа има една „невралгична точка“, а тоа е населбата Злокуќани. Станува збор за одредена група на жители коишто во континуитет буквално ги тероризираат граѓаните од тој но и од околниот реон. Од тие причини, неодамна одржав и повеќе состаноци со претставници на надлежни институции, со цел да најдеме соодветно решение за овој сериозен проблем – истакна Јакимовски.

 

Тој напомена дека за претстојната седница на Советот на Општина Карпош ќе искочи со конкретни предлози, во насока на подобрување на безбедноста во основните училишта.

 

  • Од тој аспект би сакале да поставиме видео камери кои ќе бидат насочени кон влезот и аглите на училиштата но и кон училишните дворови. Веројатно во следната фаза би формирале наш центар за мониторинг во кој би постоел 24 часовен безбедносен надзор и во случај доколку постои потреба за интервенција, веднаш да ја известиме надлежната полициска станица. Според мене, треба да се фокусираме кон безбедноста во школските установи, да го контролираме јавниот ред и мир особено во ноќните часови, посебен акцент треба да се стави на оштетување на општинскиот имот и јавните реквизити, секако на однесувањето на учесниците во сообраќајот, како и спречување на кражбите и разбојништвата   – додаде Јакимовски.

 

Во рамки на дебатата, советничката од Карпош Прим. Д-р  Добрила Андоновска, апелираше на поголемо внимание при депонирање на медицинскиот отпад и негово складирање на соодветно место, како и на поголема контрола на сообраќајот, особено во близина на основните училишта и градинките. Нејзината колешка од Советот, Татјана Стојановска ја посочи потребата од присуство на полициски службеници (позорникари) на теренот, одложување на градежниот шут на места кои се предвидени за таа намена, а исто така инсистираше и за поголема заштита на децата кои се принудени да просат по улиците. Претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов исто така ја истакна потребата за помасовно присуство на полицијата на теренот, но како сериозен проблем го предочи и булингот  и малолетничкото насилство во училиштата, за што побара и посуштински проекти кои би даде конкретни резултати.

 

Инаку, Локалниот совет за превенција (ЛСП) е составен од тематски (проблемски) работни групи, кои функционираат во зависност  од проблемите кои би можеле да се случат, односно за кои постојат индикатори кои упатуваат  на „претпазливост“ или за веќе идентификувани проблеми во заедницата. Оттаму, концептот на полициско работење во заеднницата бара активно учество на полицијата, локалната самоуправа, граѓаните, невладините организации, училиштата и другите јавни институции. Во таа насока, ЛСП треба редовно да одржи шест состаноци во текот на годината, а по потреба или барање на некоја засегната страна и почесто.

 

Прочитајте