spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Преставници од ИБА Академијата на средба со градоначалникот Јакимовски

Карпош: Преставници од ИБА Академијата на средба со градоначалникот Јакимовски

Младинците од кошаркарскиот клуб Академија ИБА во придружба со својот тренер Владимир Мирковски, денеска беа во неформална посета кај градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Во оваа пригода, тие се запознаа и поразговараа со првиот човек на локалната самоуправа, при што го информираа за активностите на нивниот спортски клуб којшто е регистриран во Карпош и кој во моментов се наоѓа на второто место на државно ниво за генерацијата М14. Најголемиот дел од младите кошаркари на овој клуб се жители на Карпош кои досега покажале извонредни резултати во спортот.  Тие исто така се и одлични ученици, а некои од нив се и првенци на генерација, поточно основците од „Лазо Трповски“ и „Владо Тасевски“.

Инаку, Интернационалната кошаркарска академија ИБА, работи со млади таленти во Македонија веќе две години, а својот професионален пристап и искуство трпеливо го градат  преку тесната  соработка со Академијата Ребрача од Белград (Србија). И покрај тоа што ИБА академијата е релативно нов кошаркарски клуб, нејзиниот основач и главен тренер Владимир Мирковски, годинава одбележа јубилејни 20 години од својата тренерска кариера, во која има освоено над 10 златни медали во младинските лиги и два пати е прогласуван за најдобар младински тренер. Добрите резултати беа неминовни уште по првата година од формирање на овој клуб, кога генерацијата на млади кошаркари (2009-та година) предводени од искусниот тренер Мирковски, стигнаа до финалето на државниот младински турнир.

Основна карактеристика на оваа кошаркарска академија е примената на комбинирани методи, со кои стручните лица пристапувааат во работата со младите спортисти. Специфичните кошаркарски вештини заедно со алатките преку кои тренерите се фокусираат на менталните процеси во развојот на младите спортисти, даваат конкретни резултати. Впрочем, за тоа говори и податокот дека низ целата сезона, младите кошаркари од овој клуб имаат одиграно 11 натпревари без ниту еден пораз, против ривали кои доаѓаат од најстарите кошаркарски школи во нашата држава. Од кошаркарската академија ја потенцираат нивната програма за стипендирање и доквалификација на талентирани спортисти од социјално загрозени семејства, која ја спроведуваат во соработка со училишните педагози. Оттаму додаваат дека за речиси две години успешно соработувале со повеќе од 30 стипендисти, со кои  особено се гордеат.

 

 

 

 

Извор: Општина Карпош

Прочитајте