Заменикот министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски се обрати на почетокот на Пленарниот состанок на Секторската работна група за реформа на јавната администрација, што се одржа вчера, во организација на МИОА во соработка со СЕП. На настанот се обрати и г-ѓа Марија Канелопулу (Maria Kanellopoulou) претставничка на Делегацијата на ЕУ во Скопје.
На пленарниот состанок се разговараше за приоритетите, реформите и предизвиците во јавната администрација, поврзани со Нацрт-стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030 која што беше презентирана, а се презентираше и Извештајот за напредокот на РЈА 2018-2022.
,,Владата со цел продолжување на процесот на реформата на јавната администрација во нашата земја, подготви нова осумгодишна Нацрт Стратегија за реформа на јавната администрација од 2023 до 2030 година, со четиригодишен акциски план 2023 – 2026 година. Стратегијата за РЈА беше подготвена на транспарентен и инклузивен начин, со можност за вклучување на сите засегнати страни во работната група за подготовка на стратегијата, земајќи ги предвид научените лекции и искуството од имплементацијата на сегашната Стратегија, а со цел да подготвиме документ со реални цели и активности кои планираме да ги реализираме во наредниот осумгодишен период“, истакна заменикот министер Бајдевски.
Тој ја посочи и експертската поддршка од страна на СИГМА и РеСПА при подготовката на овој документ, при што нагласи дека земени се предвид наодите и препораките согласно меѓународните документи. Денешниот состанок исто така, беше, одлична можност да се слушнат дополнителни мислења и коментари од присутните.

,,Стратегијата ги содржи четирите приоритетни области кои беа утврдени и во претходната Стратегија согласно СИГМА принципите. Тесно е поврзана со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии 2022-2025 година, Програмата за одржлив економски развој и децентрализација 2021-2026 година, Планот за забрзан економски раст 2022-2026 година, Националната стратегија за спречување на корупција и конфликт на интереси 2021-2025 година, со нашите определби за Отворена Влада и Отворено владино партнерство. Ова само го потврдува фактот колку важните реформски процеси се поврзани и меѓусебно зависни, што нужно ја наметнува потребата од натамошна координација и лидерство, како и подобрена меѓусекторска соработка. Во тој контекст, министерството ќе продолжи на јакнење на интер институционалната соработка, како и соработката со сите засегнати страни, посебно со граѓанскиот сектор и меѓународните организации во процесот на реформата на јавната администрација, се со цел да им се обезбедат квалитетни и брзи услуги на граѓаните“, рече Бајдевски.
Овој состанок на Секторска група за РЈА е прв по билатералната средба што се одржа на 06 декември 2022 година во Брисел и прв севкупно кога Република Северна Македонија ги започна пристапните преговори.
Реформата на јавната администрација е еден од клучните приоритети во пристапното партнерство и важен предуслов во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија а МИОА е клучно министерство за спроведување и следење на процесот на реформи во јавната администрација, кој се одвива во континуитет.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација






























