spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Бесими на средби со високи претставници на СБ – Партнерството со...

МФ: Бесими на средби со високи претставници на СБ – Партнерството со СБ продолжува со нова петгодишна програма

Економските перформанси на РС Македонија се позитивни. Економијата се покажа како поотпорна од очекуваното во првата половина од оваа година, инфлацијата е едноцифрена, буџетските политики се реализираат согласно планираното, продолжува постепената фискална консолидација, а учеството на капиталните расходи со 5% од БДП на годишно ниво ќе има значајна улога во генерирањето економски раст. Ова беше констатирано на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, извршниот директор на Светската банка, Кун Давидсе и директорката на Светската банка за Западен Балкан, Шиаочин Ју, којашто се одржа во Маракеш, Мароко во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ.

„Со Светската банка имаме исклучително значајно 30-годишно партнерство. Тоа има посебно значење во спроведувањето на реформите поддржани преку проекти во вредност од 2,8 милијарди американски долари. Значајна е и обезбедената поддршка во услови на економска несигурност и негативното влијание од корона-кризата и војната во Украина, како и поддршката на проектите што се спроведуваат во моментов, а се однесуваат на подобрување на општинската инфраструктура, изградба на патишта, модернизација на земјоделството, енергетска ефикасност, реформи во социјалниот сектор и во основното образование“, рече министерот Бесими.

Тој потенцира дека ова силно и континуирано партнерство продолжува и во наредниот период. До крајот на годината очекуваме да се заокружи новата петгодишна програма. Веќе се дефинирани проектите што ќе бидат опфатени со оваа програма, а ќе значат одржување на реформскиот процес на патот на пристапување кон ЕУ и обезбедување поодржлив, отпорен и зелен раст.

Дополнително, на средбата беше истакнато дека до крајот на годината се очекува да биде одобрен и заем за развојни политики од околу 100 милиони долари, насочен кон поддршка на процесот на реформа на јавната администрација, справување со неформалната економија, како и за поддршка на мерките и активностите предвидени со Планот за забрзан економски раст.

„Ваквата поддршка е поткрепа на нашите напори за фискална консолидација, а значат и потврда на макроекономските политики што ги спроведуваме. Тоа ќе ѝ помогне на земјата да изгради поотпорна економија и да обезбеди позелен развој“, оцени министерот Бесими.

На средбите одржани со високите претставници на Светската банка присуствуваше и гувернерката на Народната банка на РС Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

 

Министерот Бесими во Маракеш, во рамки на Годишните средби, оствари средби и со високи претставници на ММФ, а се очекува да се сретне и со претставници на Банката на Америка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ и Mеѓународната развојна агенција – ИДА.

 

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

МЗ: Жителите на општина Илинден ќе добијат нов здравствен дом

0
Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, заедно со заменик министерот, Јовица Андовски и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски направија увид во градежните активности...