Со државна поддршка преку Фондот за иновации и технолошки развој, 86 домашни фирми ќе реализираат иновативни идеи и креативни решенија за забрзан раст. За нив се наменети 4,4 милиони евра, а средствата ги добиваат како победници на јавниот повик на ФИТР „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст”.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на свечениот настан во аулата на Ректоратот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” од Скопје, рече дека поддршката на истражувањата и иновациите се приоритет на Владата и на Министерство за образование и наука а ваквите успешно реализирани јавни повици се функционални механизми за финансирање на иновативни проекти. Нагласувајќи дека ја важноста од системски одговор на глобалните барања за индустриска конкурентност и иновативност, министерот Шаќири укажа дека колку ги зголемуваме можностите за креативен пристап во решавањето на предизвиците, толку побрзо напредуваме во научно-технолошкиот и економскиот развој.
Државата има скок од 12 места на Глобалниот иновациски индекс за 2023 година, за што значаен придонес има поддршката што се реализира преку Фондот за иновации и технолошки развој. На последниот јавен повик, до ФИТР пристигнаа 268 предлози за одобрување на средства за инвестиции што ќе им помогнат на фирмите да ги надминат последиците од економската криза и да ја зголемат конкурентноста со воведување на нови, напредни технологии.